„Еко-градинки за одржлива иднина“
Во Ќустендил, Бугарија се одржа тридневна работилница како дел од реализацијата на проектот „Еко-градинки за одржлива иднина“
Во периодот помеѓу 25.08.2017 и 27.08.2017 година, во Ќустендил, Република Бугарија се одржа тридневна работилница за јакнење на капацитетите на воспитно-образовниот персонал од детската градинка „Детска Радост“ од Струмица и детската градинка „Први Јуни“ од Ќустендил, Република Бугарија, како дел од проектот „Еко-градинки за одржлива иднина“, финансиран од ЕУ преку Интеррег-ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија 2014-2020.
Темата на работилницата беше „Формирање на еколошка свест кај децата од предучилишна возраст преку дидактички игри“, а целта беше воспитно-образовниот персонал од детските градинки во Струмица и Ќустендил да се стекне со потребните компетенции, практики и искуства за интегрирање на еколошката едукација во воспитно-образовната работа со децата во самите градинки.
Покрај теоретски сознанија, присутните имаа можност да се запознаат со конкретни примери – преку дидактички игри, кои ќе им послужат во нивната секојдневна работа, со што ќе придонесат градинките од Струмица и Ќустендил да се развиваат во места на eколошко живеење и однесување.
На работилницата присуствуваа вкупно 30 учесници односно по 15 претставници од детските градинки во Струмица и Ќустендил.