Драган Јованов- Употреба на Темјанушката (VIOLA ODORATA) во Фитомедицината

Повеќегодишно, тревесто растение без стебло, високо до 15 см. Коренот е дебел и разгранет. Создава розета од листови, цветови и до 25 см долги надземни изданоци што се вкоренуваат и развиваат растенија што цветаат втората година. Плодовите се ситни, сферични, влакнести кутивчиња со многу семе, по созревањето пукаат. Семињата се бледо-кафеави.

Цвета во март-април, раѓа плод во мај-јули. Темјанушката често се среќава по нашите планини. Еднократна берба не смее да надминува 70 % од популацијата. Повторна берба се препорачува после 2 години. Во фитомедицината се користи цветот и ризомот со коренот. Се бере на чисти места. Цветовите мора внимателно да се берат да не се оштетат. Листовите се берат во текот на цветањето, а коренот со ризомот се откопува во есен и рана пролет.
Темјанушката е прочуено лековито растение, содржи сапонозиди, гликозиди-иридин, антоцијан-виоламин, малку алкалоиди-одоратин сличен е на еметинот, содржи етерично масло, флавониди, метил салицилат и слузи.
Во стара Кина оваа билка се користела за лекување на заушки. Денес научната медицина потврди дека темјанушката може да се користи за лекување на белодробни заболувања, и тоа хроничен бронхит, воспалено грло и воспалени непца. Ефикасна е против настинки попратени со треска и со висока температура. Делува експерторантно, односно овозможува искашлување, ги шири белите дробови и смирува сува кашлица.

Во некој земји темјанушката се користи како добар природен лек против главоболка, мигрена и мамурлак. Цветовите се користат за подобрување на сонот и лесно заспивање.
Локално ова растение се користи на рани отоци и заушки. Доведува до омекнување на воспаленото место, а ги чисти и раните ако има чир на кожата.
Листовите се користат локално за лекување на кожни тумори и бенигни и малигни. Коренот може да предизвика повраќање поради содржината на алкалоидот одоратин и затоа не треба да се претерува.
Може да се комбинира со повеќе лековити растенија: подбел, риген, бозел, босилок, невен, тегавец и мајчина душица.
Темјанушката не треба да се користи како чај за секојдневна примена туку ако имаме потреба.
Чајот од темјанушка се припрема како декокт. Една кафена лажица се става на чаша вода, врие 3 минути и се зема 3 пати дневно по една чаша половина час пред оброк.

Тинктура од темјанушка се припрема кога 50 г сув иситнет лист од цвет се прелива со 250 мл јака ракија, кисне 10 дена на темно место, се меша секој ден по неколку пати, 11 ден се процедува и се користи за туширање на непцата, како и локално за лекување на кожни заболувања. Постојат готови фабрички лекови изработени од цветовите кои се користат во педијатријата кај децата за лекување на заболувања на дишните патишта.
Од темјанушката може да се направи и паста за лекување на чиреви.
Темјанушката е безбедна лековита билка и може да се користи кај сите пациенти, но не треба да се претерува.

ДРАГАН ЈОВАНОВ – ФИТОТЕРАПЕВТ

Напишете коментар