Градинката „Прва радост“, Василево ја одбележа двегодишнината
Градинката „Прва радост“ од Василево денес одбележа две години од своето работење.
Со насмевки на лицата и радосни извици дечињата ја проследија забавата со кловнот кој специјално за денешниот роденден беше гостин во градинката и ги забавуваше и се дружеше со дечињата.
На претставата и претходеше првоаприлско дефиле. Децата облечени во костимите на своите омилени јунаци направија кратка прошетка во блиската околина.
„Денес се навршуваат две години од работењето на градинката „Прва радост“. Денес детската градинка го прославува својот втори роденден. Роденденот го одбележавме со неколку активности и тоа: кловновска забава за дечињата, локовна изложба со цртежи на тема „Мојата градинка“ и априлијада во која децата беа маскирани во нивните омилини ликови од цртаните филмови. Иако периодот е многу краток ние како установа сме задоволни од постигнатиот успех а сметаме дека и родителите се задоволни од нашето работење. На почетокот започнавме со работа во еден објект, имавме околку 40 дечиња а сега бројот на дечињата го зголемивме на 70. Отворивме уште еден нов објект, „Малото славејче“ во с. Моноспитово со капацитет од 40 деца“, изјави директорката на оваа градинка, г-ѓа Даниела Трајковска по повод одбележувањето на годишнината.
На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов кој упати честитки по повод успешното двегодишно финкционирање на градинката и воедно најави иницијатива за нејзино проширување односно изградба на уште еден објект како би се задоволиле потребите од згрижување на деца до предшколска возраст во општина Василево. „Најпрво би упатил честитки по повод постоењето и успешното функционирање на детската градинка „Прва радост“ во Василево. Сметам дека тоа е еден од проектите со најголем бенефит како за родителите така и за децата кои овде ги стекнуваат првите знаења. Иако веќе отворивме еден клон во с. Моноспитово општина Василево е на идеја да гради уште една детска градинка, бидејќи интересот за згрижување деца е голем, изјави градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов.
Градинката „Прва радост“ од Василево започна со работа на 01.04. 2015 година. Изградена со Европски средста обезбедени преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р.Бугарија и Р.Македонија, а инвентарот и опремата се обезбедени преку Министерството за труд и социјална политика.