Усвоени кварталните извештаи на о.Василево
На вчерашната, редовна 42-ра Седница на Советот на општина Василево, советниците ги усвоија сите 14 предлози од дневниот ред меѓу кои беа и Кварталните извештаи за реализацијата на Буџетот на општина Василево за периодот 01.01.2016 до 31.06.2016 година. Според извештајот, извршувањето на Буџетот на општина Василево (консолидиран) вклучително со единките корисници односно заедно со двете основни општински училишта и детската градинка, е 27,04% или од планираните 229 098 000 денари реализирани се 61 928 312 ден. Што се однесува пак до реализацијата кај основниот буџет на општината, од планираните 153 170 000 ден. реализирани се 30 550 005 ден. или во проценти 19,95%.
Со мнозинство од осум гласови „за“ и два воздржани, донесени беа и Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места на ЈОУДГ „Прва радост“, Василево и Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за внатрешна организација на работните места на ЈОУДГ „Прва радост“ Василево.
Советниците од позицијата и од опозицијата имаа усогласен став во однос на останатите точки од дневниот ред, така што без дискусија и со сите гласови „за“ усвоени беа: Годишниот извештај за работата на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион за 2015 година, одлуките за доделување финансиски средства на Ракометната федерација на Македонија, црковниот одбор на црквата Св. Тројца во Добрашинци и за организација на фестивалот за народни игри и песни Св.Петка, с. Ангелци.
Исто така со мнозинство од сите гласови усвоени беа и предлог решенијата за именување на член на Комисиите за: еднакви можности; мандатни прашања, избор и именувања; финансирање, буџет и локален економски развој и Комисијата за јавна безбедност, безбедност на сообраќајот и противпожарна заштита, каде на местото на Весна Ризова именуван е Сашко Ѓоргиев.
На оваа седница како дополнителен предлог, усвоена беше и одлука со која се формира Комисија за поддршка и координација на функционирањето на ФК „Василево“ од Василево. За членови на оваа комисија избрани се: Драги Митев, Џоко Христов и Леонардо Николов, сите од Василево, а нивната задача ќе биде да го следат функционирањето на овој фудбалски клуб согласно законските прописи, за што извештај на крајот од секоја полусезона ќе поднесуваат до Советот на општина Василево.