600 Нови чуда секој ден (прв дел)-Колумна на Ристо Ѓоргиев
Постои една стара македонска која вели: “секое чудо за 3 дена“. Македонија одамна веќе е светско економско чудо, лидер во сите области без конкуренција (освен Северна Кореја која се обидува да го следи нашето темпо).
Потврда за тоа колку многу Македонија катадневно напредува, дојде и од директорот на Агенцијата за вработување на РМ, Влатко Поповски, кој се огласи со следнава изјава: „Инаку дека секојдневно се објавуваат од 500 до 600 огласи за работни места тоа е реалност“.
Според оваа логика, во 365-те денови годинава во Македонија ќе се вработат 219,000 луѓе. Ако земеме дека Македонија има 2.000.000 жители, тогаш тоа 10,8 % од населението
Но да не застанеме тука, Македонија е земја на чудата, чудесна земја, чудо од земја, па токму во тој контекст, барем 600 чуда се случуваат дневно и безброј Гинисови рекорди се кршат.
Еве да наведеме само неколку чуда и рекорди:
- Македонија ја намали невработеноста во последните неколку години од 40% на 38% што е најголемо намалување од времето на Големата Депресија во САД
- Македонија оствари раст на БДП-то од 2%, на просечна плата од 200 евра, што значи секој Македонец лани заработил 4 евра повеќе, ако додадеме и дека струјата поевтини 0,03 % Македонија е неприкосновен светски лидер во богатење на своите граѓани (не ја сметаме инфлацијата од околу 2% оти ќе ни ги уништи резултатите)
- Македонија исто така е лидер во странски инвестиции, просечно во Македонија од 2003 до 2015 влегуваат цели 36,87 милиони евра. (Владата во последните 7 години дала 56 милиони евра за да ги субвенционира истите, баш сме добри по математика)
- На позитивната срана на нештата македонската фудбалска репрезентација цела 2016 нема претрпено пораз, задржувајќи се на високото 138 место, помеѓу титаните во фудбалот Хонг Конг и Куба (каде и нема професионални фудбалери)
- Македонија исто така е дом на еден од најголемите умови на денешницата Миленко Неделковски, кој успеа да докаже дека земјата е рамна, а исто така го држи и рекордот на измамени граѓани за американски визи
- Македонија е лидер во бројот на споменици по глава на жител, ако се продолжи со оваа темпо секој македонец ќе има по 2 споменика во наредните 5 години
- Македонија е исто така рекордер по непловни бродови стационирани во непловна река, со 3 брода на 100 метра
- Македонија го држи рекордот во средства платени за засадување жални врби, 240.000 евра за 3 (на толку врби како ли Скопје е еден од најзагадените градови во Европа не ми е јасно)
- Македонија исто така е лидер во неизвршени пописи, со неизвршен попис од 2002 година (единствени ривали во светот ни се Северна Кореја и Зимбабве)
- Македонија е лидер по Триумфални капии кои немаат ни еден триумф да одбележат (освен можеби тоа што бевме четврти на Европското во кошарка и тоа што ниту еден ватерполист до сега не ни се ума удавено)
- Македонија е лидер во бројот на организирани контра-протести, контра-кампови, контра-кампањи и во целина контра на се што може да му се организира контра (нешто што македонската фудбалска репрезентација го нема организирано веќе 10 години- т.е контра)
- Македонија е светски позната по слободата на медиумите, одвојувајќи цели 15 минути за гостување на лидерот на опозицијата во текот на една година. Во 365 дена се емитуваат 1,460 часа програма или 2,102,400 минути. Заедно сите четири телевизии емитувале 8,409,600 минути во кои Заев гостувал мамутски 0.00017%.
- Македонија е на прво место по бројот на ленти сечени од премиер пред кружен тек (неофицијално Северна Кореја е лидер во таа бројка но тие информации не можат со сигурност да се проверат). Поради зголемената потрошувачка на ленти во Македонија дури 3 нови фабрики за нивно производство биле отворени во Кина
- Македонија е светско тениско чудо во кое и по 3 пати се пуштаат во употреба истите тениски игралишта (резултатите од оваа напорна работа не изостануваат па така најдобриот македонски тенисер е на високото 540-то место на АТП листата)
- Македонија е лидер во луѓе пратени од Бога за да ја избават од душмани (најдобар пример е поранешниот премиер Никола Груевски)
- Македонија е лидер во изгледани турски серии (дури и пред Турција)
- Македонија е рекордер во програми произведени од своите национални телевизии со негде 10% сопствена програма (вклучувајќи реклами и Дневник)
- Македонија е лидер во светот по испиени дијапазами по натпревар на Европско Првенство во ракомет
- Македонија го држи рекордот на најмногу добиени препораки за почеток на преговори со ЕУ
- Македонија го држи рекордот во раст на индустријата со најмногу затворени индустриски капацитети од 90-те години до денес.
- Македонија има најголем процент на предавници во светот, без исклучок секој граѓанин во еден одреден момент ја предал својата држава
- Македонија е лидер по „соросоиди“ и „комуњари“ во светот (и покрај нивните напори да го забават напредокот на нашата света нација, нашиот свет Лидер успешно не води кон нови победи)
- Македонија е родната земја на Тоше Проески, музичка легенда и голем човек, на кој се сеќаваме на 25 Јануари и 16 Октомври, и пред избори, кога треба да ги потсетиме неговите „да гласаат оти че ги бркаме од работа“
- Македонија е земја на најмногу религиозно просветлени луѓе, со најголем број на луѓе кои од заколнати комунисти станале патрони на православната црква (исто така лидер сме по број на џипови по глава на поп)
- Спортот толку многу цвета што одбојкарите за остварен успех добија Сано сокчиња наместо пари
- Државава е лидер по број на квизови во кои нема прашања (и број на квизови на Драган Вичиќ иако никому не му е јасно како тој човек успеава да остане на екраните)
- Лидер сме и во утрински програми и жалење во етерот дека некои луѓе полесно добиваат линија од други, додека сте на линија
- Рекордер сме и по бројот на луѓе најдени во провалија и ендек ако не си ја затнат устата
- Македонија е дом на Драган Павловиќ-Латас, единствениот уредник на национална телевизија кој не мора да чита од теле-промтер, знае се за секоја тема и е единствениот уредник во светот кој не го користи стандардниот јазик на државата кога е во етер
- Оваа земја е дом и на Јанко Јади Бурек, човекот кој успеа да ја демантира физиката и нејзината теорија за акција и реакција
Бидејќи еден текст не е доволен, чудата ќе продолжат во вториот дел од текстот.
Автор-Ристо Ѓоргиев