Продукцијата Револушн ја Удри Последната Клапа од Филмот Златна Петорка
На градскиот плоштад „Гоце Делчев“, денеска, падна последната клапа од снимањето на долгометражниот игран филм „Златна петорка“ во продукција на „Револушн“ од Скопје, а копродукција на МТВ и Арт-Попкорн од Белград. Во изјавата за медиумите, режисерот на филмот, Горан Тренчовски, го потенцираше задоволството од снимањето на филмот и се заблагодари на сите кои дадоа свој придонес.
-Среќни сме што се доведовме во овој стадиум на финализација на проектот. Имавме навистина исклучително плоден период на чело со актерската екипа, на луѓето кои беа пред и зад камерата, направија се за да снимаме квалитетен материјал кој што верувам дека во процесот на постпродукција, односно, монтажата, ќе резултира со уште еден успешен филм. Би сакал да ја истакнам благодарноста кон Агенцијата за филм на Република Македонија и кон општина Струмица сите нејзини ресурси кои што беа вклучени во изработката на проектот, беа на едно високо професионално ниво, на едно рамниште кое што веќе Струмица ја претвора во вистински филмски град и верувам дека сите кои што беа инволвирани во проектот излегуваат со уште едно ново позитивно филмско искуство, рече Тренчовски.
Филмот „Златна петорка“ општина Струмица финансиски го поддржа со 200 илјади денари, а на располагање ги стави сите свои институции и ресурси, што се потврдени во Меморандумот потпишан меѓу градоначалникот Зоран Заев и управителот на продукцијата Револушн, Дејан Милошевски.
Според овој Меморандум, општина Струмица издаваше дозволи и согласност за снимање сцени на локации кои се наоѓаат на територијата на Општината, асистенција од расположливи човечки ресурси, обезбедување на напојување со електрична енергија, поддршка и помош од сите јавни претпријатија основани од општина Струмица, како чистење на одредени локации, услуга од противпожарната единица, користење на опрема за олеснување на транспорт и поставување реквизити со помош на опремата со која располагаат претпријатијата. Исто така, општина Струмица за потребите на снимањето на филмот, времено отстапуваше објект или дел од објект за сместување на реквизити и опрема, помош при адаптирање на стара архитектура и ситни градежни зафати над кои Општината имаше надлежност, дозвола за вклучување на статисти од основните и средните училишта и друга помош и асистенција која општината може да ја пружи во рамките на нејзините надлежности и овластувања согласно Законот за локална самоуправа. Со оваа поддршка градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица ја потврдија својата општествена одговорност, како што впрочем тоа и досега во континуитет го правеа.