Уапсен струмички бизнисмен за малверзации со купување нафта

Струмички бизнисмен и вработена на бензинска пумпа се уапсени поради малверзации со купопродажба на нафта, со што избегнале да платат данок во висина од половина милион евра.

Финансиската полиција во текот на вчерашниот ден го уапси струмичкиот бизнисмен Д.Т., сопственик и управител на правниот субјект „Емви-комерц“ од Струмица и Е.Т., вработена на една од бензинските станици во Струмица.

– Струмичкиот бизнисмен е осомничен дека започнувајќи од 2010 па сè до 2014 година со намера да се стекне со имотна корист од големи размери се договорил со второосомничената, инаку вработена на бензинска пумпа во Струмица, да изготвуваат документација со која „Емви-комерц“ од Струмица нема да плаќа данок во буџетот. При извршениот увид во сметководството на „Емви-комерц“, Финансиската полиција утврди дека Д.Т. за пет години потрошил фантастични 1.524.000 евра во готово за набавка на нафта, иако паралелно вршел и набавка на нафта во помали количини на фактура од други бензински пумпи – соопшти Финансиската полиција.

Поради нелогичноста на потрошените количини нафта за неколкуте машини со кои располага фирмата, Финансиската полиција извршила контрола во сметководството на фирмата при што пронашла 1.254 фалсификувани фискални сметки со прилог сметкопотврди за наводно извршена набавка на нафта.

Поради сомнителноста на случајот, Финансиската полиција направила детална контрола и на бензинската пумпа на која наводно е купувана нафтата, при што било утврдено дека бензинската пумпа вкупно нема набавено толку нафта колку што Д.Т. успеал наводно да купи од неа во готово.

Вработената на бензинската пумпа се согласила да „соработува“ за месечен надоместок од околу 250 евра.

Бизнисменот Д.Т. и неговата соработничка Е.Т. со своите криминални активности успеале да ја оштетат Република Македонија за 536.000 евра, поради што против нив до Основното јавно обвинителство во Струмица се поднесени кривични пријави за постоење основано сомневање за сторени кривични дела даночно затајување, фалсификување или уништување на деловни книги и фалсификување исправа.

Двете уапсени лица се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Струмица, кој треба да одлучи дали ќе добијат мерка притвор или ќе се бранат од слобода.

Извор.Телеграф.МК

Фото.Мета.мк

Напишете коментар