Изградбата на фекалната канализација во Добрејци се одвива според планираната динамика
Градежните работи на системот за фекална канализација во населеното место Добрејци се во полн ек. Ќе бидат изведени вкупно 10.760 метри канализациона мрежа со што ќе се покрие целото населено место. За овој, но и за останатите два система во населените места Дабиле и Просениково, општина Струмица обезбеди 1.136.000,00 евра од Европската инвестициска банка.
Реализацијата на овој проект значи уште една потврда за силните заложби на градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица за подобар живот на сите граѓани во локалната заедница.
-Овој проект е многу комплексен и се однесува на три населени места Добрејци, Просениково и затоа неговата реализација ќе се одвива во две фази: првата фаза е изградба на канализационен систем во село Добрејци заради тоа што истиот ќе биде приклучен на веќе постоечки колектор, а втората фаза ќе биде изградбата на фекалните канализациони системи во Просениково и Дабиле кои што ќе бидат приклучени во пречистителната станица чиј што процес на реализација е веќе започнат и истиот се очекува да биде заокружен во најбрз временски период. Средствата се обезбедени од Европската инвестициска банка врз основа на претходно изработена апликација од страна на општинската администрација, а секако потврдена и усвоена од страна на истата банка. Вредноста на целокупниот проект определена за општина Струмица изнесува околу 1.136.000,00 евра од кои за изградба на системот за фекална канализација во село Добрејци се определени околу 43 милиони денари. Изведбено градежните работи ќе ги врши фирмата „Жикол“ од Струмица, а надзорот ќе го врши Заводот за испитување на материјали од Скопје, рече Тони Милушев раководител на Одделението за локален економски развој на општина Струмица, при отпочнувањето на градежните работи.
За овој канализационен систем нема да се изведува посебна пречистителна станица за отпадни води затоа што ќе биде поврзан на струмичкиот канализационен систем при што водите ќе бидат носени во пречистителната станица на општина Струмица која што со изведба ќе започне во оваа година, а ќе се заврши во текот на 2017 година. Обврската за одржување на овој систем ќе ја преземе Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ од Струмица, а исто така и обврската за куќните приклучоци. Сите заинтересирани жители од населеното место Добрејци ќе добијат можност за приклучување на оваа канализациона мрежа. Со реализацијата на овој проект ќе се реши долгогодишен проблем во ова населено место бидејќи како рамничарско село има проблем со одведување на атмосферските води, а има и доста висок водостој на подземните води што го оневозможуваше нормалното функционирање на септичките јами.