Се гасифицираат нови делови од Струмица
Јавното претпријатие за енергетски дејности „Струмица гас“ интензивно работи на гасификацијата на градот Струмица. Во завршна фаза е гасоводната мрежа која што се прави на улиците „Димитар Влахов“, „Дојранска“, „Ѓуро Ѓаковиќ“ и „Гоце Делчев“ во должина од 500 метри. Директорот на претпријатието, Зоран Китанов, денеска најави проширување на гасоводната мрежа за оваа година во должина од 16 километри.
-Денеска со инспекциското тело при машинскиот факултет ЦИРКО и со републичкиот инспекторат го правиме испитувањето и засега се оди така како што треба. Согласно стандардите и законите, еден час се испитува на шест бара, потоа 24 часа на четири бара и до крајот на неделата оваа гасоводна мрежа ќе ја пуштиме во употреба. Можам со радост да констатирам дека иако пред тоа имавме пријавено 5-6 приклучоци веќе во самата градба стигнавме до бројка од 11 приклучоци на оваа делница и затоа ја користам приликата уште еднаш да упатам апел до граѓаните да не чекаат кога градиме да доаѓаат и да бараат приклучоци, туку, за да можеме да планираме, благовремено, еве сега со пролетта, да дојдат во нашите простории за да можеме да ги внесеме нивните барања за да можеме да ги реализираме во текот на градежниот дел. Ова посебно затоа што за оваа година имаме планирано големо проширување на гасоводната мрежа од околу 16 километри, од кои 8,5 километри ќе бидат во градот, а останатите за прв пат ќе бидат до населените места и со тоа гасоводната мрежа која сега има должина од 23 километри наредната година би имала 40 километри, што е солидна бројка за да ги задоволиме капацитетите на главните трансверзали во градот Струмица и потоа ни остануваат само помалите улички за да бидат опфатени домаќинствата. Инаку, им се извинувам на граѓаните, бидејќи ова е централно место каде што имаме многу испреплетена мрежа, тротоарите се веќе вратени во првобитна состојба, а во следните седум дена ќе бидат асфалтирани сите прекопи и повеќе нема да им смета изградбата, но градот е жива материја и затоа ќе продолжиме со изградбата и уште еднаш ги повикувам сите граѓани кои се заинтересирани благовремено да доаѓаат за да можеме да ги внесеме во проектирањето на гасоводната мрежа. Инаку, досега на гасоводната мрежа има околу 270 приклучоци, а ги имаме и првите така наречени тераси кои беа приклучени на гас преку инфраред, кафетериите и рестораните одамна се приклучени и сега ја завршуваме приклучната фаза со индустријата и со капацитетите за преработка на земјоделските производи, рече Китанов.