Традиционални бадникови колачи

Доаѓа еден од најголемите Христијански празници-Рождество Христово-Божиќ. Ние ви предлагаме да ги изненадите вашите најблиски со традиционални бадникови колачиња по рецепт на манастирот Св.Јован Крстител од Бигорската монашка обител.

Потребни состојки: 

– 1 кг. брашно
– 1 голема супена лажица сув квасец (или 1 коцка свеж квасец)
– 1 шолја шеќер
– 1 голема супена лажица масло
– ¼ мало лажиче сол
– 1 ванила
Од состојките се замесува тесто, кое не треба да биде ни многу меко ниту премногу тврдо. Се прават топчиња и од секое топче се прави тесто во форма на цилиндар. Секој цилиндар, со големина од приближно 10 см. се изработува така што од горниот дел се прави мало топче во форма на глава, која не се одделува од остатокот од тестото, а од другиот дел се дооформува тело, така што главчето и телото се неразделени. 
 
На средината од телото се ставаат две-три мали чоколадни топчиња или топчиња направени од смеса од локум, шеќер во прав и малку брашно и прехранбена боја (црвена, жолта, зелена и сл.) кои изгледаат како копчиња на телото на колачето. На главчето се ставаат чоколадни очиња, црвено носе и мало усте, така што колачето изгледа како мало бебенце кое всушност го претставува новородениот младенец Христос. 
 
Колачињата нараснуваат петнаесетина минути, а по потреба и малку подолго, во плехот во кој треба да се печат, а се печат на температура од 250 степени додека да се заруменат.
 
Овие колачиња традиционално им се делат на дечињата, кои на Бадник ги посетуваат христијанските домови, и носејќи пештери со икони во рацете, пеаткаланди (божикни песни), објавувајќи им ја на сите радосната вест за Раѓањето на Спасителот Христос. Покрај овие колачиња, домаќинката – христијанка на децата кои ќе го посетуваат нејзиниот дом во навечерието на Божик, им дели костени, ореви, суво овошје и сл.
Преземено до страната на Бигорскиот Манастир.
 
 
 
 

 

Напишете коментар