Остатоци- Шеста Самостојна Изложба на академскиот сликар Никола Пијаманов
На 4 декември во Уметничката галерија на Центарот за култура Антон Панов во 20 00 часот ќе биде отворена шестата по ред самостојна изложба на академскиот сликар Никола Пијанманов кој ќе се претстави со педесетина слики поврзани во една тематска целина под насловот –Остатоци-.Поттикнат од персоналистичката философија на рускиот философ Николај Берџаев,авторот на изложбата Никола Пијанманов за своите најнови слики ќе запише-Само еден дел од огнот на творечкиот чин се изладува,останува на земјата како културен производ.И тоа се тие остатоци од видливото.Но постои и еден невидлив дел од согорувањето низ творечкиот занос,кој ќе остане нереализиран.Тој преминува во Вечноста.Овие слики ја прикажуваат минливоста и исчезливоста,овде е прикажана една кристална естетика вдахновена од византиската иконографија која води трагичен дијалог со распадливоста на овој свет.-Изложбата ќе биде отворена со минијатурна театарска претстава режирана по сликарскиот концепт на изложената поставка,во режија на Васил Михаил кој за овој настан напиша- Сликарството е нераздвоен дел од театарот. Со векови му служи безрезервно. Но, што ќе се случи ако се проба спротивното? Од созерцанието во сликарството, кон дејствието на актерот. Сликописите на Никола Пијанманов раскажуваат за епски конфликти помеѓу човечкото и божественото. Човечкото со човечкото. Основани на длабока духовност и силен интелект тоа се универзуми од бои и дрво кои зборуваат за нашата судбина и напатија. За христијанството, славјанството, вербата, љубовта, вредностите и црнилата. Распетието на уметникот. Перфекционизмот и спонтаноста си одат под рака во неговите дела, а тоа провоцира акција, пред која не можев да останам рамнодушен. Се надевам дека театарскиот дел од овој вернисаж ќе биде достоен во улога на прелудија за изложбата и дека соработката меѓу нас нема овде да заврши. Уметноста крие уште многу тајни.