Монодрамата ТАА на Оливера Аризанова Освои Прва Награда на Европскиот Патувачки Театар
Монодрамата „Таа“ на актерката Оливера Аризанова од Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица доби прва награда на Европскиот фестивал на патувачки театар, што се одржа во Сливница, Бугарија. На фестивалот учествувале театри од Бугарија, Чешка, Молдавија, Србија и од Македонија.
– Ова е моја прва награда и многу ми значи. Верувам дека за секој актер и за секој творец кој ќе ја добие, наградата му е признание за долгогодишната работа. Во мојот случај – на сцената на Струмичкиот театар. Претставата е одиграна 34 пати, утре ќе биде 35-тиот пат. Премиерата беше во 2010 година. Со режисерот Васил Михаил ја обновивме и, еве, добивме меѓународно признание, рече Аризанова на прес-конференција.
Уметничкиот директор Драган Маџиров рече дека во чест на меѓународното признание, Струмичкиот театар во три дена ќе организира Денови на театарот и покрај наградената монодрама „Таа“ ќе ги изведе и претставите „Ни ќар, ни зијан“ и „Шуми“.