Златната Петорка на Тренчовски Започнува со Реализација

Долгометражниот игран филм „Златна петорка“ поддржан од Агенцијата за филм на РМ влегува во фаза на продукција и реализација на одбраните локации за снимање. Филмот е во продукција на „Револушн“ – Скопје, копродуценти се Македонската телевизија и Арт-попкорн од Белград, а помагатели на проектот се Општина Струмица, Босилово и Василево.

Сценариото за овој македонски филм е работено по драмски и прозни мотиви на писателот Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и Билјана Гарванлиева заедно со косценаристот Тренчовски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, тонот е на Дарко Спасовски-Пацки, една музичка нумера во филмот изведува групата „Баклава“, а филмот ќе го монтира Андрија Зафрановиќ.

ZLATNA PETORKA

Играниот филм „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски е замислен како фикција за една прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдат копнежот и предавството. Во филмската приказна нè водат протагонисти кои речиси цел живот бегаат од апсурдните гревови на минатото. Се додека еден преживеан сведок не отпрета некои нови траги кои наведуваат на досието од 1951 при што е ликвидирана група студенти од Струмица.

Во филмот играат актерите: Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Александар Ристевски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски, Дине Дрваров, Стојан Велков и други.

Во изработката на филмот е вклучен и голем број филмски работници. Главен партнер на филмската продукција е локалната самоуправа на Општина Струмица со повеќе ресурси и институции кои се во нивна надлежност. Првата клапа на филмот „Златна петорка“ ќе падне в понеделник на 19 октомври во Струмица и снимањето ќе трае четири недели во Струмица и струмичкиот регион. Филмот се очекува да биде завршен за кино-прикажување следната година со премиера на некој од светските филмски фестивали.

Напишете коментар