Градоначалникот Заев го отвори меѓународното рели со теренски возила и автомобили
Општина Струмица денеска по втор пат беше домаќин на меѓународното рели и рели крос со теренски возила и автомобили кое што се одржа во реката Тркања на излезот од Струмица кон Валандово. Денешното 36-то рели го отвори градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој е и генерален покровител.
-Струмица и струмичани по втор пат ги имаат честа и задоволството да бидат домаќини на една извонредно возбудлива спортска манифестација со повеќегодишна традиција, манифестација која го зголемува адреналинот кај сите оние кои го сакаат авто – мото спортот, звукот на забрефтаните „машини“ и сите други возбудувања што тој ги носи. Да се биде град домаќин на вакво натпреварување двапати по ред – едно по друго, веројатно не може да биде плод на случајноста. Од една страна, тоа значи дека Струмица успешно го положила минатогодишниот испит, а од друга страна, повторно укажаната доверба претставува извонредна можност да се потврди и надгради успехот од лани. Искрено се надевам дека 36 – то меѓународно рели и рели крос со теренски возила и автомобили ќе биде по мерка како на организаторите од Aвто-мото клубот „Џип рели спорт“, така и на натпреварувачите и на посетителите. Доколку биде така, ние од општина Струмица ќе бидеме пресреќни што сме биле генерални покровители и домаќини на уште една успешна спортска манифестација. Ако било така на многу други спортски настани од меѓународен карактер кои се одржале во нашиов град, нема зошто така да не биде и овој пат. Во прилог на таквите желби и очекувања одат и убавото денешно време и фактот дека името на реката во чија близина се одржува ова натпреварување е компатибилно со самиот настан. Ќе се сложите нели дека ТРКАЊА и ТРКА имаат нешто заедничко. Им посакувам срдечно добредојде на сите натпреварувачки и натпреварувачи од Србија, Грција, Албанија, Бугарија и Македонија со желба да понесат од Струмица убави спомени кои долго ќе ги паметат. Нека денешниов ден биде празник на авто-мото спортот и нека победат најдобрите, рече градоначалникот Заев.