„Комуналец“ ги чистеше парковите во Просениково
По отстранувањето на дивите депонии и чистењето на повеќе локации во градот, Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ викендов работеше во населеното место Просениково. Вработените во работните единици „Зеленило“ и „Чистота“ ја косеа тревата и го собираа отпадот од трите паркови со што ги направија пристојни места за престој на жителите од ова населено место.
Од ЈПКД „Комуналец“ упатија апел до жителите на Просениково да покажат поголема грижа за средината во која живеат и да не го фрлаат отпадот на места кои немаат таква намена, посебно не во парковите, затоа што само чисти и уредени паркови можат да им бидат во функција на сите.