Училиштата во општина Василево подготвени за стартот на учебната година

„Основните училишта на територијата на општина Василево, на 1-ви септември, подготвени ќе ги пречекаат своите ученици, како оние од погорните класови така и првачињата кои за прв пат ќе седнат во училишните клупи“, изјави градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов во денешната изјава дадена при посетата на подрачното училиште во Радичево во кое деновиве во тек е активност на поставување на систем за топловодно греење.
Овој проект на поставување на системот за топловодно греење Стојанов го окарактеризира како пример на општествена одговорност и добра соработка меѓу Сокотаб, Филип Морис и МЦМС со општина Василево. Оваа активност, за ова училиште всушност значи продолжување на соработката од претходната година кога благодарение токму на инвестицијата од околу 1 700 000 денари од Сокотаб и Филип Морис, реализирана преку МЦМС, ова училиште беше целосно реконструирано, добивајќи нов покрив, и столарија притоа вбројувајќи се во енергетски ефикасните објекти. Годинава енергетската ефикасност на ова училиште се надградува со системот за парно греење со комбиниран котел кој освен дрва ќе може да користи и еколошко гориво, односно пелети.
Оваа инвестиција е околу 2 000 000 денари од кои околу 1 000 000 денари се од Сокотаб и Филип Морис и исто толку од Буџетот на општина Василево во соработка со Министерството за образование и наука.
„Печките на дрва ќе станат веќе минато бидејќи сите училишта на територијата на општина Василево ќе добијат систем за топловодно греење“, изјави градоначалникот Стојанов во прилог на континуираните вложувања на општина Василево во образованието.

 

Напишете коментар