„Спортуваме и се дружиме“,Заедничка активност за меѓуетничка интеграција
Заедничка активност за меѓуетничка интеграција на учениците од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиле и „Маршал Тито“ од Муртино
Финансиската поддршка што општина Струмица ја обезбедува за меѓуетничка интеграција во образованието на сите основни и средни општински училишта од Струмица, ги спои во заедничка активност учениците и наставниците од училиштата „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиле и „Маршал Тито“ од Муртино.
Под мотото „Спортуваме и се дружиме“, целта на заедничката активност беше учениците да развиваат вештини за соработка и тимска работа со ученици од различна етничка заедница, пријателство и дружење меѓу себе и ставови за почитување на мислењето на другите, да донесуваат заеднички одлуки, да прифаќаат соученици од различни култури и етнички заедници и да развиваат почит и доверба кај другите. Во активноста учество зедоа ученици од македонската и турската заедница од осмо и деветто одделение. Учениците се запознаа пред реализацијата на активноста на заедничка средба, на која беа дефинирани и правилата за однесување.
Наставниците ги формираа паровите со мешан состав, машки и женски, од двете етнички заедници. На учениците им се даваа насоките за активноста на двата наставни јазика и им се објаснуваше како ќе тече активноста. При давањето на инструкциите на учениците се внимаваше да има подеднаква застапеност и наизменично користење на двата наставни јазика.
По завршувањето на активностите наставниците им дадоа повратни информации на учениците, разговараа со нив за тоа како се чувствувале за време на активностите, а им беа дадени и скромни подароци за освоените места.