Нов проект преку ИПА Програмата за прекугранична соработка Р. Бугарија – Р. Македонија
На 19 октомври, 2016 година во Софија, Р. Бугарија, раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Жулиета Ѓуркова го потпиша договорот за имплементација на проектот „Размислуваме за компостирање – Посветени на одржување на органскиот синџир” во рамки на Програмата за прекугранична соработка Р. Бугарија – Р. Македонија 2014 – 2020. Партнери на Центарот кој е Лидер партнер во имплементација на проектот се Асоцијацијата на Југозападни општини од Благоевград.
Целта на овој проект е да се отпочне кампања за подигнување на јавната свест и зголемување на знаењата на жителите од прекуграничниот регион за значењето што го има компостот и создавањето на органско ѓубриво. Во рамките на проектот ќе бидат доделени компостери на 800 домаќинства од Југоисточниот регион во Р. Македонија и Југозападниот регион во Р. Бугарија.
Придобивките од компостирањето се бројни, почнуваат од намалување на количините на залудно потрошен органски отпад, заштита на околината и создавање органски компост (природно ѓубриво) за градини, паркови, овоштарници. Затоа во рамките на проектот планирано е имплементација на промотивна кампања и промотивни активности со цел информирање на општата јавност од прекуграничниот регион за проектот и за компостирањето, придобивките од компостирање и самиот процес на компостирање, имплементација на тренинг за компостирање, инфо денови во сите општини, подготовка на Студија за потенцијалите за компостирање на регионот како и други активности.
Проектот е со вкупна вредност од 118.000 евра, а ќе се имплементира 15 месеци.