Денес во киното „Милениум“ беше промовиран саундтракот со наслов „Рубин“ за долгометражниот игран филм „Златна петорка“,
Денес во киното „Милениум“ беше промовиран саундтракот со наслов „Рубин“ за долгометражниот игран филм „Златна петорка“, во продукција на „Револушн“ и во музичка изведба на групата „Баклава“.
Филмот „Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ – Скопје, финансиран од Агенцијата за филм на РМ, а копродуценти се Македонската телевизија и Арт-попкорн од Белград. Партнер при снимањето беше Општина Струмица, а помагатели беа и Општините Босилово и Василево.
Сценариото за овој македонски филм е работено по мотиви на Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и косценаристите Билјана Гарванлиева и Горан Тренчовски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажер е Андрија Зафановиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.
Играниот филм „Златна петорка“ е фикција за една насилно прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдат копнежот и предавството. Во филмската приказна нè водат протагонисти кои речиси цел живот бегаат од апсурдните гревови на минатото. Сè додека еден преживеан сведок не отпрета некои нови траги кои наведуваат на досието од 1951 при што е ликвидирана група од пет невини студенти од Струмица.
Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац (Ламариниќ), Јана Стојановска / Љупка Џундева (Ката), Игор Ангелов / Петар Арсовски (Џиџи), Васил Михаил / Ненад Милосављевиќ (Алавантие), Билјана Таневски (Загариева), Дине Дрваров (Кољо), Стојан Велков (Монах); петте студенти ги играат Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров и Виктор Јакимовски.
Филмот „Златна петорка“ ќе има скопска премиера на 6 октомври во киното „Милениум“, премиерата во Струмица ќе биде на 7 октомври во НУЦК „Антон Панов“, а веднаш потоа ќе започне да се прикажува во кината низ Македонија.