Василевчани ќе добијат по 4000 денари за купен нов велосипед

Bicycle

После 05 јули оваа година, граѓаните на општина Василево, за секој купен нов велосипед ќе добиваат неповратни средства во висина од 4000 денари. Оваа одлука со која се субвенционира купувањето на нови велосипеди, членовите на Советот на општина Василево ја донесоа на редовната 41-ва Седница. Одлуката е донесена по предлог односно препорака од Владата на Р.Македонија, а мотивите се помасовна употреба на велосипедите наспроти автомобилите заради зачувување на животната средина.

Сведоци сме на големи климатски промени во изминатите години предизвикани од загадувањето на животната средина во кое голем удел има современиот начин на живот и употребата на автомобилите во секојдневниот живот. Заради заштита и подобрување на животната средина,  општина Василево  по препорака од Владата на Р.Македонија донесе одлука за сите жители на општина Василево кои ќе набават свој велосипед истиот да биде субвенциониран во висина од 4000 денари. Се надевам дека тоа ќе биде добра мотивација за сите граѓани на општина Василево да набават свој велосипед и со негово користење наспроти автомобилите да придонесат во заштитата на околината. Се надевам дека ќе го подобриме не само квалитетот на живеење на граѓаните туку и квалитетот на самата животна средина во која сите ние живееме“, изјави градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов по донесувањето на одлуката за доделување на неповратни средства за секој купен нов велосипед за граѓаните на општина Василево.

Она што треба да го знаат граѓаните на општината е дека средства ќе се доделуваат само за ново купен велосипед. Барање за доделување на неповратни средства заедно со фискална сметка и сметкопотврда за купениот велосипед, дополнето со документ за идентификација заради утврдување на местото на  живеење и трансакциона сметка, треба да се достави до архивата на општина Василево.

„Времетраење односно ограничување на самата одлука ќе нема и тоа ќе биде една дополнителна мотивација за сите оние кои сакаат да имаат свој сопствен велосипед како превозно средство“, изјави градоначалникот Стојанов во изјавата дадена за медиумите.

Напишете коментар