КОНТЕКСТ: Реализирана работилницата за креативно пишување во природа
Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ организираше креативна работилница за пишување во природа заедно со учениците од ООУ „Даме Груев“Куклиш кои се под менторство на проф. Александар Јанков.
.За време на оваа настава во природа освен што учениците имаа можност да научат нешто повеќе за заштита на природата, тие и активно беа вклучени во расчистување на локацијата каде се одржа наставата, односно Милковата воденица во село Костурино. Учениците имаа можност да дознаат многу важни насоки од тоа што значи да се грижиш за природата и да бидеш еколошки свесен, а покрај тоа имаа можност да бидат инспирирани од самата средина и да научат како подобро да ги изразат своите чувства додека се во природа со помош на (за)пишување на сето тоа што ги опкружува и инспирира.
На оваа креативна работилница за пишување присуствуваа 40тина ученици, а освен учениците од Куклиш, присутни беа и учениците од подрачното училиште „Даме Груев“, Костурино.
Со доближувањето на учениците до таквиот пристап на восприемање на природата ќе се помогне истите да имаат поголема грижа за истата, да бидат поотворени кон зачувување на природните богатства, а воедно да бидат мотивирани истите да им бидат главен двигател во изразувањето и перцепцијата. Овој несекојдневен пристап им помогна на учениците да развијат посебна одговорност кон природата и книжевноста, да бидат физички активни, да се премине стандардната и позната граница за зачувување и подобрување на условите и да се надмине сегашната состојба, која секојдневно се влошува.
Оваа работилница покажа дека секој е дел од природата, дека секој кој ја освојува природата се освојува самиот себе, дека не постојат врвови, освен оние кои сами ќе си ги поставиме, дека земјата свири музика која можеме да ја слушнеме само кога сме внимателни, дека ние го злоупотребуваме светот затоа што го сметаме за нешто кое ни припаѓа нам и кога на светот гледаме како на заедница на која ние ѝ припаѓаме ќе бидеме дел од групата на луѓе кои помагаат да се надминат нашите разбирања.
Уништувањето на природата е своевиден директен начин на уништувањето на животот, со оваа активност здружението „Контекст – Струмица“ им помогна на учениците да ја погледнат другата страна, онаа која ја храни довербата дека сепак може да помогнеме сите ние и како индивидуи и како заедница да биде подобро.