Група ученици и наставници од СОУ „Јане Сандански“ престојуваат во збратименото училиште во Измир
Група ученици и наставници од средното општинско училиште „Јане Сандански“ од Струмица престојуваат во средното училиште „Јилдис Тинас Измироглу Анадолу“ од Измир, Турција. Ова е втора средба на двете збратимени училишта чија соработка започна во 2012 година на која се разменуваат искуства од областа на образованието и се врши запознавање со културата на двата народа. Делегацијата од СОУ „Јане Сандански“ беше пречекана со највисоки почести и досега се остварени средби со одговорното лице за образование во Општината при што се разговараше за актуелните состојби во образованието во двете држави, а на средбата со Градоначалникот се разговараше за воспоставување соработка меѓу двете општини.
Учениците од СОУ „Јане Сандански“ имаа можност да се запознаат и со функционирањето на високото образование во Турција преку посетата на еден од приватните универзитети. Тие, синоќа, ја воодушевија турската публика со специјално подготвената програма, а во која беа претставени општина Струмица и училиштето „Јане Сандански“.
На 16 мај СОУ „Јане Сандански“ ќе биде домаќин на делегацијата од средното училиште „Јилдис Тинас Измироглу Анадолу“ од Измир.