Средба на премиерот Заев со амбасадорката на БиХ, Бабиќ

Средба на премиерот Заев со амбасадорката на БиХ,
Бабиќ: Заеднички заложби за заеднички напредок на
државите од регионот во евроинтеграциите

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев,
денеска се сретна со Лепа Бабиќ, амбасадорка на Босна и
Херцеговина во Република Македонија.
Потврдени се заложбите на Република Македонија и на Босна и
Херцеговина за унапредување на меѓусебната соработка и за
заеднички напредок во евроинтегративните процеси, што беше
разговарано и при скорешната посета на владина делегација од
Македонија, предводена од премиерот Заев, на Сараево.
Заеднички е констатирано дека е од голема важност, земјите од
целиот регион, да добијат позитивни препораки во настојувањата
кон евроинтеграциите.
„ Владата на Република Македонија работи на реформскиот
процес, на доброседски односи и се заложува за европски
перспективи на целиот регион“, рече премиерот Заев.
На средбата се разговараше за конкретни исчекори во
интензивирањето на соработката меѓу Република Македонија и
Босна и Херцеговина, како што е организирање заедничка владина
седница и унапредување на односите во областа на економијата,
образованието, туризмот.
Констатирано е дека спогодбата за признавање на возачките
дозволи меѓу двете земји, како и претстојното овозможување на
граѓаните на двете држави да патуваат со лични карти,
значително ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и меѓу
ресорската соработка, што се очекува да дава побрзи и повидливи
резултати од интерес на потребите на граѓаните и на двете
држави.

Напишете коментар