Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локалнo ниво
аневски:Ќе бидеме партнери во унапредувањето на животот во ромската заедница
Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, денеска учествуваше на конференцијата за промоција на Програмата ROMACTED „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локалнo ниво“ заедничка програма на Европската унија и Советот на Европа, а која што се одржа во Скопје. Целта на оваа Програма е да се изгради политичка волја и одржлив политички ангажман на локалните власти за подобрување на демократското локално владеење, јакнење на ромската заедница и подобрување на институциите во работењето за ромска инклузија. Во обраќањето пред присутните на конференцијата, градоначалникот Јаневски рече дека општина Струмица има добра волја и ќе ги искористи сите капацитети и можности за поголема инклузија на Ромите.
-Со овој чин уште еднаш ја потврдуваме определбата за мултиетничко зајакнување на нашата локална заедница на кое Општина Струмица сериозно работеше во изминатите години. Токму поради тоа, денеска, за своја Општина, подеднакво ја чувствуваат и Македонците, Турците, Ромите, Србите и останатите етнички заедници кои што живеат на нејзината територија.Затоа што заедно ја градиме нашата Општина, ги утврдуваме приоритетите, ги решаваме проблемите и ја планираме иднината. Вратите на Општината секогаш биле подеднакво отворени за сите граѓани, без поделби по било која основа. Така било, е и така ќе остане. И денеска ја подаваме нашата пријателска рака на нашите сограѓани – Роми. Согласно надлежностите кои што ни го дава Законот за локална самоуправа, а пред се согласно нашите желби и определби, а во духот на Програмата ROMACTED, максимално ќе се трудиме и ќе го дадеме својот придонес во јакнењето на локалната ромска заедница. Ромите, имаат право на образование, вработување, здравствена и социјална заштита, урбана интеграција. Имаат право на подобар живот. Ние го почитуваме тоа и затоа ќе им бидеме партнери во остварувањата на нивните права, но и партнери на институциите кои работат во унапредувањето на животот на ромската заедница, рече Јаневски.
Во рамките на промоцијата на Програмата ROMACTED, градоначалникот Јаневски потпиша Меморандум за разбирање помеѓу програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, министерството за труд и социјална политика и општина Струмица. Целта е обезбедување рамка за соработка за спроведување на Програмата ROMACTED.