Општина Василево гради две улици во с. Сушево
Локалната самоуправа од Василево започна со изградба на две улици во населеното место Сушево. Едната е во должина од 140 метри а другата 75 метри. Ширината на улиците е по околу 3,5 метри. И двете улици ќе бидат изградени со бехатонски елементи. Моментално се работи на подготовка на теренот, негово рамнење, тампонирање и набивање на подлогата на која ќе се поставува бехатонот.
Вкупниот буџет за изградба на двете улици изнесува околу 900 000 денари, средства обезбедени од општинскиот буџет.
„ Буџетот за изградба на овие улици изнесува околу 900 000 денари и истите се обезбедени од општинскиот Буџет, што значи овие улици ги градиме со сопствени средства. И покрај големиот долг што го наследив од мојот претходник, како градоначалник и општина се трудиме да одговориме на потребите на граѓаните и она што е најприоритетно да го решаваме во најкусен можен рок“ изјави градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев во денешната изјава дадена за медиумите, при неговата денешна посета на терен.
Јанев нагласи дека локалната патна инфраструктура и во наредниот период ќе има приоритетно место во тековните активности на општина Василево.
„Локалната патна инфраструктура е еден од главните приоритети на општина Василево, кој имајќи ја во предвид реалната состојба, уште долго време ќе апсорбира голем дел од буџетските пари. Максимално ќе се ангажираме за да одговориме на потребите на граѓаните во сите населени места- изјави градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев.
Градежните работи на овие две улици ги изведува компанијата Пешо инженеринг и согласно Договорот истите треба да завршат во период од два месеци.