Малешевскиот дабов мед добива бренд: 150 години традиција во Берово

Во Берово и пошироко во Малешевијата, пчеларите започнаа нова фаза за својот највреден производ. Семејството на Ванчо Шуперлиски, кое веќе повеќе од 150 години го чува пчеларското знаење од генерација на генерација, сега заедно со Весна Биљарска од здружението „Меден даб“ и другите локални производители, работи на тоа дабовиот мед да добие свој препознатлив бренд. Целта е јасна: да се заштити квалитетот и да се спречи овој редок производ да се продава како обичен шумски мед, со што би се изгубила неговата вистинска вредност.

Дабовиот мед е специфичен не само за нашиот регион, туку и во светски рамки. Иницијативата предвидува воведување на систем за сертификација, лабораториски проверки на квалитетот и потврдување на потеклото. За потрошувачот, тоа значи сигурност дека купува автентичен производ, додека за пчеларите тоа значи повисока цена и пристап до нови пазари.

Овој проект, насловен „Дабов мед од Малешевијата – знак за квалитет“, го спроведува здружението „Меден даб“ во рамките на програмата ReLOaD3, финансирана од Европската Унија, кофинансирана од Општина Берово и имплементирана од УНДП. За детална приказна за тоа како се спојуваат вековната традиција и модерните пазарни стратегии, прочитајте ја приказната на УНДП. Целосното соопштение на Општина Берово е достапно на официјалната страница.

Извор: Општина Берово | Фото: Општина Берово

Напишете коментар