Драган Јованов – Заштита на желудникот и цревата со фитомедицина

Основни синдроми и симптоми на болестите на органите за варење, како што се симптоматичната болка, повраќањето, подждригнувањето, ждригавицата, проблеми со столицата, се сигурно познати секому. Меѓутоа многумина не обврнуваат внимание на нив, иако, според податоците на медицинската статистика, секојдневно се зголемува бројот на лица кои патат од заболување на органите за варење. За жал никој не е заштитен од чир на желудникот и дванаесетпалачното црево, или пак која друга болест на дигестивниот тракт, иако секој од нас може да ги препознае нивните симптоми во ран стадиум и да стори се проблемот да не напредува. Едноставно што е потребно да се направи – е да се стекнат неопходното знаење и информации за овие болести. Болестите на желудникот се комплицирани за дијагноза, особено во раните стадиуми на патолошкиот процес. Симптомите како што се болка, нарушување на апетитот, ждригавица, повраќање и тегобност, се карактеристика само на една болест на желудникот. Тие се забележуваат и кај оние кои патат од чир, хроничен гастритис, но и рак на желудникот. Кај заболените од чир и рак паралелно со органски нарушувања на желудочните зидови, често се забележуваат и предзнаци на различни облици на гастритис – површински или ерозивен.
Болки
Болката представува аларм, во организмот кој не успеава да се справи со болките со кои настануваат сериозни физиолошки и биолошки измени. Болката е еден од најчестите симптоми сигнал дека нешто не е во ред. Кај болестите на дигестивниот тракт, болката се појавува како последица на спазмите на мазната мускулатура на шупливите органи (хранопровод, желудник, црева и др) растегнување на зидовите на шупливите органи, структурални промени и повреда на органи (создавање на чир, воспаленија, раст на тумор, бодежи).
Спазмите се појавуваат ненадејно, а често наеднаш и престануваат. Карактеристика за подолгите спазми е дека се менува нивниот интензитет се намалуваат по земање на средства против болка и по лекување во бања. Болката се протега во рбетот, областа на крстот, долните екстремитети. Однесувањето на заболениот се карактеризира со возбуденост, немир, мокрење во постела. Се забележува мачнина, надуеност на стомакот, нарушување на ритамот на срцето и друго. Причини за спазмите може да бидат болести на црниот дроб, желудникот, бубрезите, панкреасот, цревата и др. Болката при растегнување на шупливите органи може да биде тапа, долготрајна и мачна, без јасна локализација. При растегнување на поединечни делови на цревата поради гасови кои се комбинираат со спазми, болката може да биде од различен карактер. Болката која се појавува поради воспаление на хранопроводот е ненеадејна, трае подолго или пократко и ја карактеризира јасната локализација а се зголемува при кашлање и движење. Забележана е напнатост на стомачните мускули. Во зависност од положбата на заболениот орган, таквата болка може да биде локализирана во некој предел на стомачната дупка. Болката во градниот кош може да се протега од областа на вратот, вилицата или рамената и горниот дел на желудникот. Болестите на рбетот, карлицата, ендокрините болести, повреда на мозокот и рбетните мозочни болести можат да се стимулираат болки во стомакот.
Класификација на основните заболувања на дигестивниот тракт
1. Функционални растројства на желудникот (диспепсија, аерофагија, тегобност)
2. Болести на желудникот (гастритис, чир на желудникот)
3. Компликации поради чир (пукање на чирот)
4. Тумори на желудникот (рак на желудникот)
5. Акутни болести на цревата (акутен апендицистис, акутни цревни замрсувања, приклештување на кила)
6. Болести на аноректалните реони (пукнатини на ректумот, хемороиди, рак на дебело црево)

Лековити растенија за заштита на желудникот и цревата
Рузмарин (Rosmarinus officinalis L)

Татковина на ова лековито растение е Средоземјето. Ова е мошне распространето растение во нашите краишта како диво растение во подрачја со медитеранска клима. Мошне е раширена ароматична полугрмушка, со дрво само во долниот дел, со густи листови кои на рабовите се свиткани надолу. Расте високо од 1 до 3 метри. Растението цвета двапати годишно во април и септември. Оваа скромна убава грмушка со своите лисја и цветови е омилен лек и зачин. Свежиот рузмарин во старо вино е тоник за срцето, особено поволно дејствува против намален притисок. Полезен е за анемичните, старите и слабите луѓе. По настинката, една чаша од рузмариново вино придонесува за побрзо оздравување. Рузмаринот помага против настинка, спазми кај жолчните и уринарните патишта, при физичка и психичка исцрпеност и др. Во медицината се употребуваат листови од рузмарин. Материјата која интензивно мириса е рузмариновиот камфор. Исто како и вистинскиот камфор, и рузмариновиот камфор ја поттикнува циркулацијата на крвта и поволно дејствува врз нервите. Го забрзува лачењето на жолчката. Сепак, главна примена на рузмаринот е во врска со нервите и циркулацијата. За срцеви проблеми добро се покажала маста од рузмарин со која наутро и навечер се трие градниот кош над срцето. Треба да се запомни дека рузмаринот помага во циркулација на крвта, но тој не е лек за срце.

Црн слез (Malva silvestris L)

Црниот слез одамна се употребува за отстранување на пречките при варењето на храната во организмот. Како и белиот слез, така црниот слез се употребува во форма на чај, и тоа само од цветот или во состав на таканаречените белодробни чаеви, за ублажување на кашлицата. Чајот се употребува и за лечење катар, бронхии, засипнатост, воспаление на усната празнина, надување на белите дробови. Се препорачува како средство за лекување на желудочните и цревните грчеви, како и против уринирање, коешто е проследено со болки. Исушениот цвет од црниот слез мора да се чува на темно и суво место, затоа што, во спротивно, ќе избледи.

Шумска јагода (Fragaria vesca L)

Трајно мало зелјесто растение, високо до 20 cm. Ризомот е црн, развиен, влакнест и малку кос. Листовите се долги до 40 cm. Стеблото и лисните дршки се ретко влакнести. Цветовите се бели, доста ситни, нежни. Цвета од мај до август. Распространета е насекаде во планинските предели до 1600 m надморска височина. За подготовка на лекот се собираат листовите, плодовите и коренот. Листовите се собираат во периодот на цветањето, а коренот се собира во есен. Шумската јагода се употребува како лековито средство против пролив и воспаление на цревата, за подобрување на функциите на црниот дроб и жолчната кеса, но и како антиоксиданс за прочистување на крвта. Ова растение е ефикасно средство и против висок крвен притисок и против артиосклероза. Листовите, исто така, се употребуваат и во форма на облоги против хемороиди, разни изгореници, но и за плакнење на усната празнина.
Подготовка на чајот: Две лажици од листовите на шумска јагода се преливаат со половина литар вода. Чајот се пие по една чаша, четири пати на ден пред јадење.

Липа (Tilia L)

Липата расте во цела Европа, по ридови, паркови и шуми. Липата сака плодна и длабока почва. Липата треба да се бере штом ќе почне да цвета, кога две третини од цвеќињата се расцветани. Се собираат цветовите. Липата ако е прецветана, нема никаква вредност. Липовиот цвет се употребува најчесто во форма на чај против потење, грчење, пролив, изгореници, рани и за намалување на болките како благо средство. Липовиот цвет е најомилениот народен чај. Се користи во сува состојба. За правење чај, се става во 1 l вода, 2 лажици липов чај и се вари 2-3 минути. Се остава да стои во садот покриен со капак околу 10 минути. Потоа чајот е готов за консумирање. Чај од липа се употребува при зголемена температура, за потење, грип, настинка, бронхит, болки во желудникот и црева, болки во жолчката и црниот дроб, против пролив, а исто така има и благо смирувачко дејство за добар сон. Липата не се препорачува на лица кои имаат болно срце.

Црвен Кантарион – (Centaurium erythraea)

Ова лековито растение расте до 40 см во височина, девело е до 3 мм и е обраснато со ситни листови. Цвета преку целото лето. Ја има на влажни брдски и планински ливади. Кај нас го има меѓутоа, помалку него жолтиот кантарион. За лек се собира надземниот дел кој има горчлив вкус. Како и кај другите горчливи билки има аперативно дејство за лекување на желудникот, цревата и жолчката. Го подобрува апетитот и функцијата на жолчката, црниот дроб, ја подобрува крвната слика и одбранбената моќ на организмот.

Дабец – (Teucrium chamaedrys)

Се употребува при болести во желудникот и цревата, го подобрува апетитот, ги уништува бактериите и инфекциите во стомакот и цревата, ја подобрува крвната слика, поволно делува на хемороиди, го запира крвавењето и воспалението на истите.

Морач – (Foeniculum vulgare)

За лек се собира семето и листот, при тешкотии со варењето на храната, гасови, пролив, недоволно лачење млеко кај доилки, благ диуретик, го поттикнува исфрлањето на камен од бубрег.

Гледиче – (Gleditshia triacanhta)

Гледичето се употребува како лек против болки во стомакот и цревата, колитис, чиреви, при воспаленија на дишните органи. Чај од сувите плодови се употребува против хроничен запек – опстипација

Чајлија – (Paliurus spina)

За лек се употребува плодот како средство против пролив, болести на желудникот и цревата, воспаление и инфекции, против реуматски болести како диуретик

Трнинка – (Prunus spinosa)

За лек се користат исушени цветови и исушени или пресни плодови.
Плодовите се користат против воспаленија на органите за варење, дијареја, колити и други цревни заболувања. Цветовите се користат против зголемена простата и за болести на уринанрните органи. Трнинката расте насекаде и до 1200 метри надморска висина
Срченок – (Polygonum bistorta)

За лек се користи ризамот и надземниот дел и тоа против пролив, крвава столица и хемороиди. Надворешно срченокот се употребува за разни кожни болести, рани и изгореници

Копар – (Anethum graveolens)

Копарот се употребува за лекување на дишните органи, против кашлица, бронхитис, болки во желудникот и цревата, против икање и повраќање.

Голема ѕвезда – (Astrontia major)

Големата ѕвезда, се користи како лек на дишните патишта, против внатрешни крвавења, кај стомачни болести и го подобрува апетитот.

БОЛЕСТИ НА ОРГАНИТЕ ЗА ВАРЕЊЕ – СТОМАЧНИ ПРОБЛЕМИ
ГАСОВИ ВО СТОМАКОТ

– Една лажица семе од анис за една шолја да се прелие со врела вода, да се поклопи и да се остави десет минути да кисне. С е процедува и се пие.
– 25-30 g семе од дива мирудија се прелива со 1 l врела вода, се поклопува и по 10 минути се процедува. Се пие по секој оброк по една шолја.
– Се зема 25-30 g семе од ким, во сооднос со 1 l вода. Кога водата ќе проврие, се става кимот, се остава 2-3 минути да се вари, се исклучува и се поклопува. Се пие по секое јадење по една шолја. Ако се подготвува помала количина чај, се става 6 g за шолја со топла вода.
ГРЧЕВИ И БОЛКИ ВО СТОМАКОТ
– Се става топла облога на стомакот, не веднаш по јадење, туку малку подоцна и шолја топол чај од липа.
– Се зема 10 g цветни гранки на жалфија на 1 l вода. Цветовите се преливаат со топла вода, се поклопуваат и по 10 минути се процедува. Се пие пред јадење 2-3 шолји во текот на денот.

ТРУЕЊЕ
– Се зема 2-3 g нане, се прелива во 100 ml врела вода, се поклопува и по 10 минути се процедува. Се пие по јадење. Свежата билка дава пријатен напивка наместо сувата билка.
– Се зема 30 g нане на шолја вода 200 ml. Чајот од нане не се вари. Нането само се прелива со врела вода и треба да се поклопи. Се употребува како лековито средство, од многу одамна против грчеви на матката, против гадење, повраќање и нервни болести.
– Се зема една лажица лаванда и една лажица камилица и половина литар врела вода. Билките се мешаат, и од таа мешавина се одвојуваат две полни лажици прелиени со врела вода. Треба добро да се поклопи и по 10 минути да се процеди. Треба да се пие по три шолји дневно голтка по голтка.
НЕДОВОЛНО ВАРЕЊЕ НА ХРАНАТА
– Се зема една лажица прав од линцура и се прелива со половина литар вода. Се остава да кисне 4 часа. Треба да се пие двапати на ден по една шолја.
– Три грама корен од линцура и една шолја ладна вода. Се остава да кисне 4 часа, се порцедува и потоа се пие пред јадење за подобар апетит, а по јадење, за подобро варење на храната.
– Триесет грама корен од линцура во 1 l бело вино се остава да кисне 10 дена, а потоа се процедува. Се пие по 1-2 чашки за ракија, двапати дневно (пред ручек и пред вечера)

НЕРВОЗЕН СТОМАК
– Се зема 4-6 g мајчина душица (се употребува целата билка) и 200 ml вода. Се остава 2 минути да проврие, се вади и потоа се поклопува. По десет минути се процедува и се пие како и секој чај. Свежата билка дава пријатен напивка, а сувата не.
ЧИСТЕЊЕ НА ЖЕЛУДНИКОТ И ЦРЕВАТА
– Се земаат 7-8 листа од зов, 2 dl врела вода и една лажица мед. Листовите се преливаат со 2 dl врела вода и на тивко се варат 8 минути, потоа се процедува и се додава една лажица мед. Тоа е одлично средство за чистење на крвта, за осипи, болести на црниот дроб, бубрезите, белите дробови, желудникот и цревата.
– Се зема 25 – 30 g на лековити билки на лопатарка и округлица и 1 l вода. Се вари 10 минути. Се пие по 1- 3 шолји дневно додека не оздравите. Одлична е за чистење на цревата. Кој еднаш ќе ја проба оваа билка, ја користи целиот свој живот.
– Се зема 5-10 семе од спанаќ и една шолја за вода. Се вари и пие како чај од ким. Добро е како средство против запек.
– Се земаат 3 суви сливи, 3 смокви и 100 ml вода. Сливите и смоквите навечер ситно треба да ги исечкате и да ги прелиете со 10 ml вода и да го оставите да отстои преку целата ноќ. Наутро се јаде сѐ заедно додека е млако.
Зголемени киселини во желудникот
Се зема по една кафена лажица црвен кантарион, камилица, нане, лист од капина се прелива со 4 дл врела вода. Се остава да одстои вака 30 мин. Се процедува и се пие по малку.
За одстранување на токсини од цревата
Исцедете сок од еден ислистен портокал, додадете една банана и добро измешајте ги компонентите. Може да се додаде и сок од јаболко. Земјате по една таква порција наутро на празен стомак, и навечер непосредно пред спиењето.
За нормално функционирање на дигестивниот тракт
Земете една лажица ржени трици, прелијте со чаша врела вода и оставете да стои 1-2 часа поклопено. Земјате 15-20 минути пред јадењето по половина чаша, двапати на ден.

Напишете коментар