Денес е Преподобен Теофил Струмички
… Откако светителот долги години поживеа испоснички, непријателот на човечкиот род подигна гонење на светите икони, а нивните поклоници преку беззакониот цар Лав Исавријанин иконоборец ги подложи на мачење…
…Овој цар го замрази благолепието на Божјиот дом и ги лиши од украс храмовите Господови: светите икони ги фрлаше во кал, ги газеше со нозе, ги гореше во оган, и мнозина верни ги мачеше и ги убиваше затоа што ги почитуваа иконите. Свети Теофил пак, му се противеше на силникот и сите благоразумно ги поучуваше молитвено да ги почитуваат светите икони и да му се поклонуваат на лицето живописано на нив. Поради ова, царот нареди светиот Теофил да биде подложен на ѕверски измачувања, но тој, не само што не попушти, туку успеа еден од своите мачители, кнезот Ипатик, да го разубеди и да го врати во православието. Кога на крајот кнезот Ипатик го ослободи блажениот, збогувајќи се со него говореше: „Вистинити се твоите зборови, чесен старецу. Ќе се погрижам колку што можам да го убедам царот во тоа. А сега јас те пуштам, слободен си, врати се во својата келија.”
На светителот му беше многу жал што не го доврши подвигот на своето мачеништво. Сепак, имајќи рани, тој се радуваше, говорејќи со апостолот: „Се радувам што со своето страдање го дополнувам недостатокот на неволјите Христови во моето тело за телото Негово, кое е Црквата” (Кол. 1, 24)
Кратко време по ова му беше откриено дека набрзо ќе замине кај Бога. Ги уреди сите манастирски работи, ги поучи браќата, ги благослови, ги целиваше и отиде кај многуљубениот Господ.