„Агро саем 2019“ во Струмица
Денеска и утре, на градскиот плоштад се одржува првиот „Агро саем 2019“ во Струмица на кој учествуваат земјоделски производители и производители на земјоделска механизација. Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Коста Јаневски рече дека саемот е манифестација која без сомнение ја заслужуваат земјоделските производители, но и сите оние кои на директен или индиректен начин егзистираат од аграрот.
-Најзаслужни за овој епилог се луѓето од здружението „Проагро фармери“ кои го реализираат овој агро саем како дел од проектот „Модерно и квалитетно производство кај градинарите во Банско, Муртино и Робово“, а се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан, финансирана од Европската унија и спроведувана од Програмата за развој на UNDP. Вреди да се истакне дека во сета оваа успешна приказна, со буџетски средства учествува и Општина Струмица, на што сум посебно горд, бидејќи поддршката на земјоделството во нашата општина е еден од приоритетите на локалната самоуправа. Таквата наша интенција има покритие со општото сознание дека аграрот е препознатлива гранка за нашата општина и регион, и дека оваа гранка значи егзистенција и живот за илјадници наши сограѓани, рече градоначалникот Јаневски.
На саемот присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и заменичката на постојаната претставничка на UNDP, Сања Бојаниќ.