Колумна- Сечено, лепено, монтирано
Македонското истражувачко новинарство не престанува да ме импресионира. Токму затоа решив да напишам еден сечен, лепен и многу монтиран текст.
Пред некој ден на Фејсбук се појави статус. Статусот беше напишан од мајка, скршена од загубата на својата ќерка. Нејзината ќерка тоа утро скокнала од деветтиот спрат на зграда во Аеродром. Падот бил кобен. Мајката тврдеше дека причината за смрта на нејзината ќерка е тоа што претходната ноќ била силувана. Да не навлегувам во детали, крајот на денот ја донесе веста дека девојката не била силувана. Навистина трагичен настан независно од причините за самоубиството.
Мене лично посебно ме импресионираше еден феномен. Веднаш по објавувањето на веста од страна на „истражувачките“ порталите, социјалните мрежи го бесеа, касапеа, палеа, каменуваа наводниот силувач, инаку таксист. Секако, силувањето е грозоморен и гнасен чин кој мора да биде казнет.
Но, проблемот лежи во тоа што веста не беше ниту проверена ниту потврдена. Нашите портали ниту се обидоа, нити сакаа да ја дознаат вистината. Едноставно, професијата новинар во Македонија е сведена на пренесување на соопштенија од штабовите. Навистина жалосно.
Друг феномен е тоа што ретко кој се посомнева во вистинитоста на Фејсбук статусот. Македонците немаа никаков проблем да му веруваат на еден статус напишан на социјална мрежа. Зотоа пак имаат сериозен проблем да им веруваат на илјадниците снимени разговори за криминал. Опозицијата објави „бомби“ во кои јасно се слушаат и распознаваат гласовите на политичари, новинари, судии и други криминалци како договараат криминал. Голем процент на македонци не веруваат во тие снимки, затоа што се сечени, лепени и монтирани. Не дека тие дојдоа до тој заклучок затоа што внимателно ги слушаа, туку затоа што така рекоа на телевизија. Денес во Македонија да размислувате со своја глава е најголем грев. Немојте да се мачите, верувајте во се што ќе видите на Фејсбук. Полесно е така.
Речиси година помина откако жолтото комбе одеше по Скопје и прислушуваше разговори на 20.000 македонци. Никогаш не ги дознавме марката и регистрацијата на комбето, каква опрема имаше во него што му овозможуваше да снима толку многу разговори и каде во центарот на Скопје се паркираше.
Искрено народ кој може да поверува во ваква глупа приказна не заслужува подобри политичари.
Сонот на секој политичар е еден ден да стане премиер на државата. Освен нели ако сте Емил Димитриев и сте професионален ловџија. Тогаш многу поважно ви е да бидете ловџија,
политиката ви е само хоби. Господинот Емил мора да е единствениот премиер за кој сум слушнал што сам сакал да ја врати функцијата. Да бидеме реални навистина е тешко да уживате во ловна сезона на диви свињи кога ќе ве постават премиер, а вие не сакате.
Нашиот драг и мил претседател се јави со интервју за најтиражниот германски весник Билд. Реално, тоа е можеби е и најголемиот успех во неговите два мандата, секако покрај отворањето на „Калинкијади“,“Празијади“ и таа една изјава во која констатираше дека Македонија е во политичка криза и партиите мора да ја решат. Претседателот остро ги критикуваше Европа и Германија, земји на чии лидери се уште им
нема намигнато, можеби затоа и не не сакаат.
Драг претседателе, ќе ви биде ли тешко кога ќе го потпишувате помилувањето за изборни нерегуларности или и тогаш ќе ја спасувате Европа сама од себе?
Една работа и денес не ми е јасна. ДПМНЕ тврди дека сите претходни избори биле регуларни. Не сакам никому да сметам со мојава логика, но ако тоа било така зошто денес го прочистуваме избирачкиот список. Во нити еден момент ДПМНЕ не негира дека на списокот му треба чистење. Значи тој список бил фаличен на сите претходни избори. Прв предуслов за легитимни избори е ажуриран избирачки список. Никој не негира дека тој не бил ажуриран. По логика на нештата сите претходни избори биле нерегуларни.
ДИК изјави дека ќе го прочисти списокот за една недела, и тој ќе биде подготвен за избори на 24 Арил. Отогаш поминаа две недели. Списокот ни одблиску не е прочистен.
На списокот има гласачи речиси колку што има жители во Македонија. Мирен покој за мртвите и се гледаме на гласање.
Чаир постави двоглав орел. Бутел сака да постави 50 метарски крст. Граѓаните на тие две општини македонци и албанци се подеднакво сиромашни. Се надевам дека тие два споменика многу ќе им се најдат на граѓаните кога ќе се обидуваат да врзат крај со крај.
Сител отпушти новинарка затоа што објавила колумна во која критикува колешка новинарка за непрофесионалното интервју што го направила со Гордана Јанкуловска. Да живее демократијата и слободата на сопствено мислење.
Невработеноста падна на рекордно ниско ниво од 26%. Иселувањето се искачи на рекордно високо ниво. Двете се правопропорционално поврзани.
Да се собереме сите и да го прославиме овој историски успех и да им се смееме на земјите со 5% невработеност, што никогаш нема да го достигнат нашето рекордно ниско ниво.
Град Скопје објави дека добил 3 милиони денари донации од државата за изградба на барокни фасади.
Драг Град Скопје, државните пари не се донации, тоа се пари од даноци. Некој напорно работел и заработил, а државата го оданочила.
Би сакал да ја искористам оваа прилика и од мое, а и име на моите соселани од Водоча да ви се заблагодарам што паметно ќе ги искористите тие пари и ќе изградите барокни фасади. Нам тоа многу ни значи. Пресреќни сме што кога ние 2 години чекавме да ни асфалтираат пат до нашето село, вие ни „помогнавте“. Тогаш , вие „увидовте“ колку ни е тешко и „дониравте“. Благодарејќи на вашата несебична донација, ние не моравме да чекаме 10 години и скршивме само 90% од автомобилите во селото.
Ние како солидарни браќа решивме нашите тешко заработени пари да ги „донираме“ во буџетот во форма на даноци и така скромно да ви помогнеме сега кога вие навистина имате потреба од тоа. Се надеваме дека барокните фасади навистина ќе придонесат за напредокот на Град Скопје и ќе го подобрат животниот квалитет на граѓаните.
Би сакал да ја искористам оваа прилика да протестирам против работата на Катица Јанева. Очигледно е дека таа беше еднострано избрана од страна на СДСМ за да ја спроведе нивната политичка агенда. СДСМ ја злоупотреби својата позиција како „владејачка партија“ и го „наметна“ нејзиниот избор врз ДПМНЕ, без претходно воопшто да ги консултира. Така не се гради демократија.
Поранешниот премиер кој во времето на нејзиното назначување, всушност беше премиер, целосно е во право кога вели дека таа е инструмент на СДСМ. Кога тој беше премиер жестоко протестираше против нејзиното назначување, што јасно може да се види од видеото во овој линк.
П.С: Навистина е важно да знаете дека текстов е монтиран, сечен и лепен. Никогаш не си дозволувајте да се сомневате во тоа што ви е кажено во штаб. Избегнувајте го користењето логика затоа што тоа е штетно по вашите шанси да се вработите во јавната администрација. Не обидувајте се да ги разберете работите, одговорот на вашите прашања е во вестите на Сител, Канал 5, АЛФА и МТВ.
Автор-Ристо Ѓоргиев