Гробари од Струмица при извршување работни задачи краделе накит
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Р.Т. (36) од Струмица и Г.П. (47) од Штип, со привремен престој во Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „сквернавење на умрен“. Пријавените во текот на 2015 година, вработени како гробари во погребален оператор во Струмица, одземале златен накит при изведување работни задачи. Имено, пријавените при ископи на стари гробови поради закоп на други починати лица го одземале накитот кои го пронаоѓале, а потоа го продавале на неколку златари во Струмица. При претрес во домот на пријавените биле пронајдени и со Потврда за одземени предмети одземени се две откупни белешки за откуп на злато од златара. Во разговор со полициски служебници пријавените ги посочиле гробовите од каде го одземале златото.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Б.П. (21) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Пријавениот на 07.11.2015 година продал таблет на друго лице за сума од 13.000 денари, кој бил заклучен со iCloud (услуга која ја дава Apple и која овозможува корисниците да ги складираат личните содржини). Пријавителот се обидел да да го исклучи iCloud-от од таблетот, но не успеал. Поради тоа се посомневал дека е украден и стапил во контакт со емаил адресата со која бил заклучен. На тој начин дознал дека таблетот е сопственост на фирма од Финска.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против И.П. (48) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“. Пријавениот на 11.12.2015 година земал камион-влекач марка „Ман“ со бугарски регистарски ознаки, сопственост на Г.С. , и го сокрил на непознато место. Пријавениот И.П. во неколку наврати од Г.С. , преку смс пораки, побарал да му бидат исплатени 1600, односно 1400 евра доколку сака да му биде вратено возилото.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Н.Б.Ш. (21) од Р.Бугарија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. Пријавениот на 18.01.2016 година во Струмица во две продавници купувал прехрамбени производи и машки чевли со фалсификувани банкноти во апоени од 20 и 50 евра. Дека станува збор за фалсификувани банкноти било откриено кога вработена во една од продавниците отишла да ја замени банкнотата кај уличните менувачи на девизи.