Доделени британските филмски награди „БАФТА 2016“

bafta_award

Синоќа, во Кралската оперска куќа во Лондон, по 69. пат беа доделени британските академски филмски награди познати како БАФТА, кои ги доделува Британската академија за филмска и телевизиска уметност (British Academy of Film and Television Arts), a улогата на домаќин на манифестацијата му припадна на актерот Стивен Фрај. Според бројот на номинации, предводеа остварувањата „Мост на шпиони“ и „Керол“, кои беа номинирани во по 9 категории, но според бројот на освоени награди, дефинитивно триумфираше „Повратникот“ на Алехандро Ињариту, кој од 8 номинации освои 5 златни статуетки.

 

Епскиот вестерн на мексиканскиот режисер ги освои наградите за Најдобар режисер, Најдобар филм, Најдобра кинематографија и Најдобар звук, како и за Најдобар актер во главна улога, која воедно е и првата британска филмска награда за Леонардо ДиКаприо. Со оглед на тоа што филмот веќе триумфираше и на доделувањето на Златните глобуси, а има и најмногуноминации за претстојните Оскари, сè поизвесно е дека ДиКаприо конечно ќе го добие и својот прв Оскар.

 

Веднаш зад „Повратникот“, од вкупно 7 номинации, 4 награди освои филмот „Лудиот Макс: Пат на бесот“, меѓу кои Најдобар дизајн на продукција, Најдобар дизајн на костими, Најдобра шминка и фризура и Најдобра монтажа. Британскиот актер Том Харди, кој ја играше главната улога во овој и споредната улога во „Повратникот“, за жал не беше номиниран во ниту една категорија.

Специјалната награда за животно дело годинава му беше доделена на легендарниот актерСидни Поатје (88), кој е првиот афроамерикански актер што добил Оскар за главна улога во филмот „Лилјани во полето“ (1963). Поатје не беше присутен на манифестацијата, па се заблагодари преку видео порака, а наградата му ја врачи актерот Џејми Фокс.

 

Документарниот филм за Ејми Вајнхаус, во режија на Асиф Кападија, кој е номиниран и за Оскар, на британските филмски награди доби 2 номинации – Извонреден британски филм и Најдобар документарен филм, а победи во категоријата за Најдобар документарен филм. Комплетниот список со победници Ве очекува во продолжение.

Најдобар филм – Повратник

Најдобар режисер – Алехандро Ињариту (Повратник)

Најдобар актер во главна улога – Леонардо ДиКаприо (Повратник)

Најдобра актерка во главна улога – Бри Ларсон (С0ба)

Најдобар актер во споредна улога – Марк Рајланс (Мост на шпиони)

Најдобра актерка во споредна улога – Кејт Винслет (Стив Џобс)

Најдобро оригинално сценарио – Том Мекарти и Џош Сингер (Во центарот на вниманието)

Најдобро адаптирано сценарио – Адам Мекеј и Чарлс Рандолф (Кладба на векот)

Најдобра кинематографија – Емануел Лубецки (Повратник)

Извонредно деби на британски сценарист, режисер или продуцент – Наџи Абу Новар и Руперт Лојд (Тиб)

Извонреден британски филм – Бруклин

Најдобар документарен филм – Ејми

Најдобра оригинална музика – Енио Мориконе (Омразените осум)

Најдобар звук – Лон Бендер, Крис Дјустердик, Мартин Ернандез, Френк Монтањо, Џон Тејлор и Ренди Том (Повратник)

Најдобар дизајн на продукција – Лудиот Макс: Пат на бесот

Најдобри специјални визуелни ефекти – Војна на ѕвездите: Будење на силата

Најдобар дизајн на костими – Лудиот Макс: Пат на бесот

Најдобра шминка и фризура – Лудиот Макс: Пат на бесот

Најдобра монтажа: Лудиот Макс: Пат на бесот

Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје – Диви приказни

Најдобар анимиран филм – Во мојата глава

Најдобар краток анимиран филм – Едмонд

Најдобар краток филм – Оператор

Награда за ѕвезда што се раѓа – Џон Бојега

 

Британските филмски награди се уште еден вовед во она што нè очекува на претстојното, 88. по ред доделување на Академски филмски награди – Оскарите, кое ќе се одржи на 28 февруари во театарот „Долби“ во Лос Анџелес. Кој сè e номиниран годинава, можете да се потсетите овде, а на сите песни кои низ годините биле прогласени за Најдобра оригинална песна, потсетете се воОскаровската ретроспектива.

преземено од Радио.МК

Напишете коментар