Почна изградбата на канализациониот систем во населеното место Добрејци
Почнаа градежните работи за изведба на системот за фекална канализација во населеното место Добрејци. За овој, но и останатите два система во населените места Дабиле и Просениково, општина Струмица обезбеди 1.136.000,00 евра од Европската инвестициска банка. Во Добрејци ќе бидат изведени вкупно 10.760 метри канализациона мрежа со што сите граѓани ќе добијат можност да се приклучат на истата. Реализацијата на овој проект значи уште една потврда за силните заложби на градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица за подобар живот на сите граѓани во локалната заедница.
-Веќе години наназад градоначалникот во соработка со Советот на општина Струмица преку реализација на бројни инвестициски проекти и други активности, континуирано работи на потврдување на визијата на Општината, општина Струмица да биде и остане најповолно место за живеење. Потврда за ова е и денешното започнување на реализацијата на проектот за изградба на фекални канализациони системи, односно, изградбата на канализациониот систем во селото Добрејци. Овој проект е многу комплексен и се однесува на три населени места Добрејци, Просениково и затоа неговата реализација ќе се одвива во две фази: првата фаза е изградба на канализационен систем во село Добрејци заради тоа што истиот ќе биде приклучен на веќе постоечки колектор, а втората фаза ќе биде изградбата на фекалните канализациони системи во Просениково и Дабиле кои што ќе бидат приклучени во пречистителната станица чиј што процес на реализација е веќе започнат и истиот се очекува да биде заокружен во најбрз временски период. Средствата се обезбедени од Европската инвестициска банка врз основа на претходно изработена апликација од страна на општинската администрација, а секако потврдена и усвоена од страна на истата банка. Вредноста на целокупниот проект определена за општина Струмица изнесува околу 1.136.000,00 евра од кои за изградба на системот за фекална канализација во село Добрејци се определени околу 43 милиони денари. Изведбено градежните работи ќе ги врши фирмата „Жикол“ од Струмица, а надзорот ќе го врши Заводот за испитување на материјали од Скопје. Во овој контекст сакам да потврдам дека реализацијата на ваквите инвестициски проекти значат уште една силна потврда и заложба на Градоначалникот за подобрување на севкупниот амбиент во Општината, односно, подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани во локалната заедница, рече Тони Милушев раководител на Одделението за локален економски развој на општина Струмица.
Преку овој проект ќе се изведат вкупно 10.760 метри канализациона мрежа со што ќе се покрие целото населено место Добрејци.
-Одржувањето на системот ќе се изведува преку 260 ревизиони шахти, а рокот за реализација на овој проект изнесува десет месеци. За овој канализационен систем нема да се изведува посебна пречистителна станица за отпадни води затоа што ќе биде поврзан на струмичкиот канализационен систем при што водите ќе бидат носени во пречистителната станица на општина Струмица која што со изведба ќе започне во текот на оваа година, а ќе се заврши во текот на 2017 година. Обврската за одржување на овој систем ќе ја преземе Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ од Струмица, а исто така и обврската за куќните приклучоци. Сите заинтересирани жители од населеното место Добрејци ќе добијат можност за приклучување на оваа канализациона мрежа. Со реализацијата на овој проект ќе се реши долгогодишен проблем во ова населено место бидејќи како рамничарско село има проблем со одведување на атмосферските води, а има и доста висок водостој на подземните води што го оневозможуваше нормалното функционирање на септичките јами, рече Андреј Тошев инженер во ЈПКД „Комуналец“.