Новогодишна честитка од градоначалникот на општина Василево
Градоначалникот на општина Василево, г-дин Ванчо Стојанов по повод Новогодишните празници им се обрати на своите сограѓани, честитајќи им ги празниците и посакувајќи им многу здравје, среќа и бериќет во Новата 2016 година.
Почитувани сограѓани!
Крајот на календарската година е вообичаеното време кога ставаме црта под изминатите денови, кога полека, студиозно, аналитички и сериозно се свртуваме кон секој изминат ден посебно и кога со должно внимание правиме рекапитулар на сите активности и содржини и на сите моменти кои оставија белег и по кои ќе ја паметиме годината што си оди.
Зад нас се 365 денови на максимални залагања, активности и вложувања, 365 денови планирања поврзани и насочени единствено кон Вас, граѓаните на нашата општина, Вие кои сте столбот и вистинскиот креатор на целокупниот развој на општина Василево.
Почитувајќи ги Вашите потреби, Вашите идеи, Вашите насоки и барања, го трасиравме и се движевме по патот за кој сметавме дека е најисправен и во полза на сите Вас, граѓаните на оваа општина.
Некогаш повеќе, некогаш помалку, но секогаш давајќи го максимумот се вложивме во сите активности. Дел од нив, кои беа почнати од порано, успешно ги завршивме оваа година, некои ги започнавме и ќе бидат наша обврска за во иднина, а дел целосно ги реализиравме. Впрочем така е со големите, капитални работи, оние чиј бенефит е за многу години и за многу гернерации. А работите на локалната самоуправа неретко го имаат токму предзнакот капитални.
Но овде се и бројните навидум помали активности и проекти кои ги подобрија условите и животот во сите населени места и на сите категории граѓани.
Она што сакам посебно да го нагласам во ова мое обраќање е фактот дека вашето мислење, вашите идеи, вашите барања и забелешки беа клучни при креирањето и реализирањето на општинските политики. Резултатите покажаа дека тоа е единствениот исправен начин кој гарантирано води до успех.
Секогаш заедно, како досега така и во иднина. Тоа е максимата и праксата кон која ќе се придржуваме и во иднина.
Затоа со меѓусебно разбирање, доверба и толеранција, со широки погледи кон иднината, реални очекувања и максимални вложувања ја испраќаме старата и влегуваме во Новата 2016 година.
Да бидеме сите здрави и живи, весели и благословени.
Искрено и од се срце, Ви посакувам среќна и бериќетна Нова 2016 година.