Колумна- Македонска пензиска трагедија

Македонската пензиска трагедија е комплицирано, тажно и многу потресно уметничко дело создавано низ подолг временски период од вештите рацете на многуте корумпирани влади и уште покорумпирани политичари. Делото е пишувано, а се уште се надополнува и пишува по точки.

Трагичен вовед – Минатата недела Сојузот на пензионери се огласи со Senior Woman Looking Sadсоопштение да не се играат политички игри на грбот на пензионерите. Нивната реакција доаѓа по обвинувањата на министерот за финансии дека СДСМ ја блокира исплатата на пензиите, затоа што не дозволува ново задолжување на владата. Пред секоја нова исплата на пензиите владата се задолжува. Да, истата таа влада која тврди дека земјата е регионален лидер во се, не наоѓа за сходно да објасни како тоа нема пари во развојниот буџет за исплата на основните не-социјални обврски на државата.
Горка вистина– За жал, никој од нас одамна не е изненаден од ваквото однесување на владата, а уште помалку од фактот што пензискиот фонд е целосно празен. Владата најпрвин позајми 250 милиони евра од странските пазари, а потоа и уште дополнителни 100 милиони за исплата на плати и пензии. СДСМ тврди дека наместо 100 милиони биле потребни само 60 милиони. Доколку се потребни само 60 милиони, за што ќе бидат потрошени другите 40 милиони? Никој од одговорните не одговара, зошто фондот не може да врши исплата на пензии без позајмиц? Никој не сака да каже колку ќе се задолжиме во Јануари за исплата на пензиите!
Црни бројки -Според податоците на ПИОМ, Македонија во 2015 година има 298,965 илјади пензионери, што значи речиси една една четвртина од вкупното население во државата е под пензискиот фонд. Македонија е држава која старее, природниот прираст и иселувањето од државата ја десеткуваат работната рака која треба да го полни пензискиот фонд. Според истите тие податоци, просечната пензија во годинава изнесува 13, 089 денари, што е повисоко од просечната плата која се движи некаде околу 12,000 денари. Заклучот е едноставен деновиве во Македонија е полесно да си пензионер отколку работник.
Уште поцрни задолжувања – Владата на ДПМНЕ речиси пред сите избори прогресивно ја зголемува пензијата и бенефициите кои пензионерите ги уживаат, се со цел да ги добие изборите. Дефицитот на пензискиот фонд во 2005 изнесувал 150 милиони евра, денеска истиот ја поминува бројката од 300 милиони евра. Верувам дека тоа во држава во која министерот за финансии на една снимка тврди дека “немаме за леб а купуваме чоколади“ , ама баш никого не изненадува.
Популизам наместо реализам – Зголемувањето на пензиите, бесплатните бањи, автобуски превози и други бенефиции, се секако заслужени. Овие луѓе работеле чесно и напорно за да го заслужат сето тоа. Но, популистичките мерки на владата за добивање избори се едноставно правење барокна фасада за полско ве-це. Доколку ПИОМ беше брод веќе неколку години ќе беше потонат. Кога економијата не го полни фондот сосема е нелогично наместо да се намалува дефицитот, тој двојно да се зголемува.
„Странска помош“ – Од странска помош добиваме само кредит и помош при празнењето. Во увото на просечниот граѓанин странски инвестиции звучат преубаво. Секако нивниот призвук помага и при победување на избори. Сепак реалноста е поинаква. Ослободувањето од плаќање придонеси и пензиско осигурување дополнително го оштетува ПИОМ и значително ги намалува приходите, кои и така одамна ги нема. Од друга страна без странските заеми веќе со години немаше да можеме да исплатиме пензии. Да живеат заемите.
Економија vs политичка администрација – Фондот се полни од компаниите, индустријата и малите и средни претпријатија. Тоа во Македонија се ендемски видови, на работ на истребување, како и охридската пастрмка. Македонија е единствена земја која константно има 30% невработеност од своето осамостојување. Што секако изненадува ако се има предвид дека оваа влада секојдневно создава по барем 400 работни места или по некои пресметки околу 7 милиони работни места во 10 години владеење. Македонија исто така ја има и најтешката администрација, со околу (неофицијално) 300 илјада вработени. Тоа значи дека около 600 илјади(вклучувајќи ги пензионерите) луѓе во државата само делумно помагаат да се полни буџетот од кои токму тие најмногу добиваат. Администрацијата и пензионерите се лесни за притискање и манипулирање кога ти требаат за да победиш на избори, но на долг рок оставаат нефункционален и паразитски апарат кој јаде се пред себе.
Од денес до утре – ПИОМ е буквално фонд кој живее од денес до утре. Замислете го фондот како пациент кој живее на апарати, кои го одржуваат во живот само привидно. Е сега замислете ја економијата која го полни како македонското здравство. Се чудите како фондот уште не е мртов? Фондот е одамна мртов.За сегашните пензионери, а и за идните, со ваквата политика на „развој“ ни останува само онаа „Господ нека ни е напомош“
Весела математика – Оваа влада и премиерот се прославија со веселата математика и нивното собирање, кое освен тие самите никој друг не го разбира. Бројот на пензионери сегашни и идни е лесен за предвидување. Буџетот за пензии исто така. Сепак, секоја година фондот има поголем дефицит од планираниот и секогаш е празен. Фондот го тресат корупциски скандали, а неговото користење при перење пари за избори е долгогодишна добро востановена и корисна практика. На крајот на годината сепак сите бројки укажуваат на тоа дека се работело чесно и одговорно. Логично објаснување постои, или сите ние сме параноични дека некој го краде фондот или едноставно не ја разбираме таа весела математика.
Сеење страв – Експертите, изјавата на Ставревски дека без задолжување ќе нема пари за плати и пензии, ја протолкуваа како сеење страв. Целта велат е да се овозможи ново задолжување за други проекти на владата. За прв пат во 10 години Ставревски ја кажува вистината и никој не му верува, е тоа е трагедија. Човекот за прв пат јавно призна дека навистина не знае што прави со државните пари, нити знае како да испланира буџет без барем четири ревизии и сите останаа збунети. Има ли реална причина за страв? Има, и тоа каква, буџетскиот дефицит прогресивно расте, државата е се позадолжена, а човекот кој го вози возот јавно признава „ние сме лудаци“. Решението на сето тоа е да се задолжите уште повеќе е секако многу логично, нели?
За жал оваа трагедија преполна со лаги, корупција, интриги и крадење е дело кое непрестано се надополнува. Константо се допушува нова точка, постојано уште подолу го туркаме дното. Трагедијата лежи во тоа што пензиите не се социјална категорија. Државата не ги дава како социјална помош, тоа се пари што пензионерите со години работеле и и ги плаќале на државата, за еден ден таа да им обезбеди мирна старост. Трагично што со ваквото работење многу идни генерации никогаш нема да доживеат да уживаат во истата. Фондот и ваквиот систем на собирање пари за пензии се одамна мртви. Ќе има ли храброст некој од политичарите да излезе и тоа јавно да го признае? Македонската пензиска трагедија е претстава во многу точки, во која ние, публиката и актерите седиме во собата со мртовецот и упорно се преправаме дека тој е жив.
Автор-Ристо Ѓоргиев

https://ristogjorgjiev.wordpress.com/2015/12/06/

Напишете коментар