Сертификати од НАПАГ за Стипендистите на Општина Струмица
Националната Асоцијација за Престижни Академски Граѓани – НАПАГ во Кинотеката на Македонија ја одбележа првата година од своето постоење и по тој повод ги додели сертификатите за членство на новите членови од генерацијата 2015. На истито настан, претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, им ги додели сертификатите за успешно комплетирање на тримесечната академија Life Tools Academy на двајцата стипендисти на општина Струмица, Димитар Цеков од Правниот факултет во Скопје и Александра Шаламанова од Економскиот факултет во Скопје.
Христов ја потенцираше важноста на вложувањето во младите кои се нашата иднина и повтори дека општина Струмица е една од ретките општини во Република Македонија со високо ниво на општествена одговорност и дека оваа пракса на поддршка на младите сограѓани ќе продолжи и во иднина.
На свеченоста, во своето обраќање, претседателот на НАПАГ д-р Виктор Ѓорѓиески, се осврна на значењето на вмрежувањето на најуспешните студенти со компаниите, општините и докажаните научници во светски рамки како една од алатките за борба против се поголемиот замав на феноменот на „одлив на мозоци“. Пред околу 140 присутни гости, меѓу кои беа и генерални директори на водечки компании во Македонија, научници, претставници на општини и останати партнерски организации, тој ја објасни мисијата и визијата на оваа единствена асоцијација од ваков вид и ги презентираше активностите преземени во текот на своето едногодишно постоење. Му се заблагодари и лично на градоначалникот Зоран Заев, како и на целата општинска администрација за поддршката при успешната реализација на заедничкиот проект кој е од интерес на сите жители на општина Струмица.