Советот ги усвои програмите за развој на општина Струмица
Советот на општина Струмица денеска ја одржа 33-та седница. На седницата беа усвоени предлог – планот на програмите за развој, предлог-одлуката за проширување и измена на распоредот на средствата во буџетот на општина Струмица за 2015 година, кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Струмица за третиот квартал од оваа година, програмата за работа на Отворениот граѓански универзитет за доживотно учење „Јоска Свештарот“ за 2016 година, извештаите за работата на јавните претпријатија „Паркиралишта Струмица“ и „Струмица гас“ за периодот од јануари до септември 2015 година и повеќе предлог – одлуки од областа на урбанизмот.
-Најмногу внимание советниците посветија на првата точка од дневниот ред, односно, на предлог – планот на програмите за развој. Оваа програма покажува во кој правец ќе се движи општина Струмица во 2016, 2017 и 2018 година. Во тој период општина Струмица ќе добие пречистителна станица која што ќе биде изградена со средства од фондовите на ЕУ во износ од 9,6 милиони евра и моментално се работи на тоа, општината ќе финансира реализација на канализациони системи во поголемите населени места и фекални и атмосферски, ќе продолжи реализацијата на програмата за улици и патишта, а е предвидено да бидат изградени и улици во индустриските зони кои припаѓаат на територијата на општина Струмица. На дневниот ред беше и кварталниот извештај за извршување на буџетот за третиот квартал од 2015 година. Се утврди дека истиот е исполнет со 62 проценти, што претставува зголемување за 6 проценти во истиот период минатата година и тоа претставува успех за општина Струмица, за администрацијата и градоначалникот, рече Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.
На денешната седница беа усвоени и предлог – одлуката за отпис на долг по основ на комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување и предлог – одлуката за измена и дополнување на одлуката за давање на согласност за издавање под закуп на објекти во сопственост на општина Струмица.