Ќе се реализира граѓански проектен форум во општина Струмица
Општина Струмица ќе биде дел од уште еден форум, како форма на учество на граѓаните во донесувањето на одлуки од интерес на заедницата. Во вторник, 27-ми октомври, ќе се одржи првата сесија од граѓанскиот проектен форум, на кој присутните граѓани ќе имаат можност да ги проследат планираните проекти од акциските планови за образование, социјална заштита, млади и соработка со граѓански организации и од истите да предложат приоритетни проекти кои ќе ги имплементира општина Струмица во периодот 2015 – 2016 година.
-Главната цел на Акциските планови е да се развијат клучни активности кои треба да се спроведат за да се обезбеди успешна имплементација на локалните стратегии. Сето тоа е дел од процесот на стратешко планирање кој започна од ноември 2014 година, преку одржување на јавни расправи по четирите локални стратегии, преку кои општина Струмица ги мобилизираше сите засегнати страни: Совет на општина Струмица, општинска администрација, јавни претпријатија, средни и основни училишта, граѓански организации, локални и државни институции и други релевантни чинители во општеството. Стратегиите беа усвоени од Советот на општина Струмица во декември 2014 година, а Акциските планови, беа изгласани на последната седница на Советот на општина Струмица, по претходно одржани јавни расправи со засегнатите страни. Форумот ќе има две сесии, на кои, граѓаните ќе одлучат на кој од предложените проекти ќе му дадат зелено светло за финасирање. Обезбедени се 45.000 долари, од кои половината, односно 22.500 долари ги обезбедува општината, а другата половина Фондацијата отворено општество Македонија. Поради тоа, ги повикувам граѓаните да дојдат на форумските сесии и активно да дискутираат, предлагаат и одлучуваат кој проект за нив е важен за заеднички да го спроведеме. Форумските сесии ќе бидат активно поддржани од општината, со учество на сите релевантни лица за спроведување на планираните и предложени проекти, а истите ќе се одржат во домот на АРМ. Го очекуваме вашето присуство, за да ја покажеме демократијата на дело, својствено за општина Струмица, изјави Тони Милушев раководител на Одделението за локален економски развој.
Целта на форумот е зголемување на учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки на локално ниво.