Почна снимањето на филмот „Златна петорка
Почна снимањето на филмот „Златна петорка“ кој општина Струмица го помага финансиски и со сите свои ресурси и институции
Денеска во малиот градски парк во кој се наоѓа споменикот на петмината убиени струмички студенти, падна првата клапа на долгометражниот игран филм „Златна петорка“ во продукција на „Револушн“ од Скопје, а копродукција на МТВ и Арт-Попкорн од Белград. На првата клапа присуствуваше и претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.
Овој филм во режија на Горан Тренчовски, општина Струмица финансиски го поддржа со 200 илјади денари, а на располагање ги стави сите свои институции и ресурси, што се потврдени во Меморандумот потпишан меѓу градоначалникот Зоран Заев и управителот на продукцијата Револушн, Дејан Милошевски.
Според овој Меморандум, општина Струмица ќе издава дозволи и согласност за снимање сцени на локации кои се наоѓаат на територијата на Општината, асистенција од расположливи човечки ресурси, обезбедување на напојување со електрична енергија, поддршка и помош од сите јавни претпријатија основани од општина Струмица, како чистење на одредени локации, услуга од противпожарната единица, користење на опрема заолеснување на транспорт и поставување реквизити со помош на опремата со која располагаат претпријатијата. Исто така, општина Струмица за потребите на снимањето на филмот, времено ќе отстапува објект или дел од објект за сместување на реквизити и опрема, помош при адаптирање на стара архитектура и ситни градежни зафати над кои Општината ќе има надлежност, дозвола за вклучување на статисти од основните и средните училишта и друга помош и асистенција која општината може да ја пружи во рамките на нејзините надлежности и овластувања согласно Законот за локална самоуправа. Со оваа поддршка градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица ја потврдуваат својата општествена одговорност, како што впрочем тоа и досега во континуитет го прават.
Снимањето на филмот ќе трае четири недели на повеќе локации во Струмица и околината.