Шести „Роднокрајни поетски средби“ во Струмица
Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ на 29 јули 2015 година, среда, со почеток во 18 часот, во прекрасниот предел под падините на планината Беласица, односно воденицата на Ѓурѓа во село Старо Коњарево, ги организира шестите „Роднокрајни поетски средби“.
Специјална гостинка на овие средби ќе биде Дениса Дуран, поет, преведувач и културен менаџер од Букурешт, Романија! Таа е дел од резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа „Готен“, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги „Традуки“.
Дениса Дуран минатата година на романски јазик го преведе македонскиот поет Никола Маџиров, при што неговите песни излегоа во неколку романски списанија. Нејзиниот престој во Македонија ќе го искористи да се запознае со македонската книжевност и да продолжи да преведедува и да застапува македонски поети во романските книжевни кругови.
Со уште едно ново издание на „Роднокрајни поетски средби“, „Контекст – Струмица“ докажува дека има тенденција да стане препознатлив настан на кој ќе се промовираат автори од Струмица и пошироко. Настанот има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите, истовремено да ѝ понуди на публиката автори од Македонија и странство кои досега не настапувале во градот, а ја имаат желбата тоа да го направат пред публиката која со будни уво и душа е спремна да го чуе секој нов стих напишан од оние кои се презентираат. Самата цел на настанот е доближување на творештво поблиску до читателите и афирмација на роднокрајното творечко перо.
По успешно реализираните пет изданија на оваа манифестација, на сцената на роднокрајни поетски средби досега учество зедоа околу педесет автори од Струмица и регионот. На шестите „Роднокрајни поетски средби“ е планирано да настапат десетина поети со нивното поетско творештво.
преземено-MKD.MK