Струмица во 2017 год. ќе добие Пречистителна Станица
Долгогодишниот проблем на општина Струмица од недостаток на пречистителна станица за отпадни води, за две години ќе биде надминат.
Општината стана дел од проектот на Европската Унија – ,,Изградба на пречистителни станици во општините Радовиш, Кичево и Струмица,, . Проектот е аплициран од страна на Министерството за животна средина и Министерството за финансии, врз основа на конкурирање од страна на Општина Струмица со изготвена техничка документација и Студија за заштита на животната средина.
Денес, претставници на повеќе компании од земјата и странство ја посетија локацијата за изградба на пречистителната станица, која се наоѓа во атарот на селото Сачево, по што следуваше и работна средба во салата за седници на Советот на општина Струмица.
Според зборовите на Зоран Ѓоргиев – директор на ЈПКД ,,Комуналец,, , меѓународниот тендер за изградба на струмичката пречистителна станица е отворен до 21. септември, до кога заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди, а до крајот на тековната година ќе биде избран изведувачот. Од јануари до јуни следната година, треба да биде изработен основниот проект, а од јули 2016 г. до јули 2017 г. Пречистителната станица во Струмица треба да биде изградена и ставена во функција.
Пречистителната станица ќе чини 9.8 милиони евра, средства обезбедени од неповратен грант на Европската Унија.
Инаку претставниците на компаниите кои денес ја посетија Струмица, а се потенцијални изведувачи на пречистителната станица, изразија големо задоволство од професионалноста на администрацијата на Општина Струмица и од одличната организација на нивниот денешен престој.