Започна реконструкцијата на локалниот пат Ново Владевци-Сушево
пштина Василево денес започна со реконструкција на локалниот пат Ново Владевци – Сушево во должина од 1878 метри и ширина од околу 4,5 метри. Станува збор за целосна реконструкција, односно реконструкција во целата должина од клучката со магистралниот пат А4 Струмица –Скопје па се до центарот на Сушево со отстранување на стариот нефункционален асфалтен слој и поставување на нов асфалт. Реконструкцијата опфаќа и изградба на масивен потпорен зид и еден монтажен цеваст пропуст.
„Годишните активности во сферата на изградба и реконструкција на локалната патна мрежа продолжуваат да се реализираат според планираното. Како локална самоуправа и градоначалник континуирано работиме во насока на подобрување на условите на граѓаните во сите области и во сите населени места. Нашата заложба во сферата на локалната патна инфраструктура е асфалт до секој дом. Тое е потреба и стандард на чие реализирање продолжуваме континуирано да работиме“ изјави градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев по повод почетокот на градежните работи на овој локалeн пат. „За два месеци или отприлика до крајот на оваа година, стариот, полн со дупки и тежок за возење пат ќе биде минато а неговите корисници, главно жителите на двете населени места Сушево и Владевци ќе добијат целосно нов и пред се квалитетен пат“, додаде градоначалникот Јанев.
Вкупниот буџет за реализација на предвидените активности изнесува околу 11,5 милиони денари или околу 190 000 евра кои општина Василево ги обезбеди од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој.
Изведувач на работите на терен е градежната компанија Портланд.