„Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“
Во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, во хотелот „Сириус“ се одржува дводневна Меѓународна конференција за рамномерен регионален развој во Југоисточниот регион.
Во своето обраќање, градоначалникот Коста Јаневски истакна дека конференцијата има есенцијално значење за понатамошниот развој на овој регион.
-Ми претставува чест и задоволство да ве поздравам и да ви посакам добредојде во Струмица на оваа Меѓународна конференција за рамномерен регионален развој во Југоисточен регион. Како градоначалник на општина Струмица, но и како Претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, чувствувам потреба да го истакнам значењето на оваа Меѓународна конференција која е од есенцијално значење за понатамошниот развој на овој наш регион, и да изразам јавна благодарност на Министерството за локална самоуправа при Владата на Република Северна Македонија и на Швајцарската агенција за развој и соработка, за целокупниот ангажман и финансирањето на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – прва фаза“. Дел од тој проект е и оваа дводневна Меѓународна конференција која преку презентации, панел дискусии и споделување на добри практики од разни области, има за цел да ја подигне свеста за рамномерниот регионален развој, но и да поттикне соработка и вмрежување на клучните чинители од регионот кои придонесуваат за регионален развој.
Имајќи ги во предвид спецификите на југоисточниот регион, чинам дека е повеќе од неопходно максимално да ги ползуваме предностите на истиот, а да работиме на минимизирање на слабостите со кои овој регион се соочува. Во таа смисла на апострофирање на предностите, значајно е да се спомене дека ниту еден друг регион во нашава земја не ја има предноста на опкружување што ја има Југоисточниот регион, кој е единствениот што гравитира со две земји членки на Европската Унија. Ако се знае дека првата сесија од оваа конференција се однесува токму на регионалниот рамномерен развој во процесот на приближување кон Европската унија, тогаш е повеќе од јасно дека на овој план може да понудиме квалитетни решенија и ангажмани кои ќе бидат од голема полза за овој наш регион, но и за државата воопшто, рече Јаневски.