„Еко фронт-Чиста да ни е“
Во рамките на планираната акција „Еко фронт-Чиста да ни е“ која што започна минатиот месец, денеска се работеше во населеното место Сачево. На неколку локации, екипи на Јавнотото претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ ги чистеа и миеја улиците, поставуваа канти за смет, засадуваа дрвца и чистеа канали. Според градоначалникот Коста Јаневски, Еко фронт е комплексна акција која што има повеќе компоненти.
-Ова не е само пролетна акција, можеби почетокот некако тргна со новата пролетна сезона, меѓутоа, ова е нешто покомплексно, кампања голема, континуирана, која што нема рокови, која што континуирано ќе трае во целиот нареден период. Практично ја нарековме ЕКО ФРОНТ и таа е комплексна акција која што има многу повеќе компоненти од колку само чистење на нашата непосредна околина. Ние започнавме со она што беше најгорливо, највидливо во нашата околина, а тоа е чистењето на дивите депонии кои што ги има низ целата наша општина. Тоа беше првата провокација и на тоа се надгради еден концепт кој што содржи раззеленување на нашата средина, садење на дрвца, чистење на околината, кампања со правење на спотови за едукација на нашето население, посебно на помладото население, затревнување, хортикултурно уредување, што значи многу компоненти кои што ќе ги содржи овој Еко фронт. Тоа е навистина опсежна акција, јас и во една друга прилика спомнав дека се одвива благодарение на големата помош и поддршка од нашите сограѓани кои што несебично се вклучуваат и ја поздравуваат, целата механизација оператива градежна од нашата општина се вклучи доброволно, Комуналец со сите свои ресурси и можности ја води и координира таа акција во еден сегмент, меѓутоа, секој граѓанин на свој начин придонесува и учествува во тој Еко фронт кој што го отвораме. Јас имам голема верба во оваа кампања и гледам дека луѓето ја прифаќаат со големи симпатии, свесни дека навистина алармот е подигнат до едно повисоко ниво и мораме нешто да преземеме, не смееме да бидеме инертни спрема појавите кои што ние ја грдат сликата на нашата општина. На терен, а како дел од оваа кампања, настапуваат и инспекциите кои што работат во повеќе смени и веќе има видливи резултати, изречени се санкции, регистрирани се прекршители на однесувањето кон природата, документирани се и мислам дека сето ова ќе даде резултати, рече градоначалникот Јаневски.