Викарен Епископ Јаков Стобиски Вистинското прашање: се каеме или не? (10.03.2019)
На 10 март 2019 година, во Неделата на простувањето, викарниот епископ Јаков Полјански отслужи Божествена Литургија во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, во Струмица. На Литургијата беше ракоположен ѓаконот Константин Јованов во презвитерски чин. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
Вистинското прашање: се каеме или не?
Денес сме собрани во последната подготвителна недела за великата и Света Четириесетница, што Црквата ја посветила во сеќавање на изгонувањето на нашите прародители од рајот. Воедно, Светите отци ја нарекле и Недела на простувањето. Ја слушнавме и главната порака на ова евангелско четиво што го прочитавме денес, од Спасителот наш и Господ: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6, 14–15).
Гледате еден сублимат на сеќавања на она кој прв згреши, но исто така, и на тоа кој е Тој што прв прости, на оној прв момент кога гревот како престап, како промашување на животот и на смислата на постоењето е направен од наша страна, од нашите прародители. Затоа, Црквата и овој последен ден пред да почне Светата Четириесетница го одредила како враќање во изгубениот дом, во изгубената татковина. Само така Светата Четириесетница е спасителна за нас, ако ја сфатиме како едно динамично патување, како враќање кон домот на нашиот Небесен Отец, таму каде што припаѓаме и каде што единствено можеме да се реализираме како личности. Личности способни да љубат и да бидат љубени, да простат и да им биде простено. Надвор од тоа постоење, животот нема смисла.
Дали Бог ќе ни прости или нема да ни прости – тоа не е дилема за нас, кои сме членови на Црквата Христова. Нам Отецот Небесен ни прости, и како печат на тоа простување е жртвата на Неговиот Единороден Син, Крвта на Неговиот Единороден Син, пролеана за живот и спасение на светот, за секој човек од Адам до последниот роден од жена. Секоја Света Литургија е сеќавање – се сеќаваме и си спомнуваме за изгонувањето на нашите прародители од рајот. На секоја Литургија, ако ги слушате внимателно молитвите, оној дел што Црквата го нарекла и го доживува како анамнеза, сеќавање, е спомнување за сето она што Господ го направи за нас – смртта, гробот, погребението, тридневното воскресение, вознесувањето и седнувањето оддесно на Бога и Отца, второто пришествие. И сето тоа остварено за нас и наше спасение, за нам да ни се простат гревовите, за ние да бидеме избавени од смртта и за да ни го даде Бог она што ни го приготвил од создавањето на светот. Нема ништо поскапоцено и од најголемиот грешник, ставен наспроти целото создание, видливо и невидливо, во Божјите очи. Затоа, нема никаква дилема дали Бог ни простил и дали ќе ни прости.
Воопшто не треба да се обременуваме и да паѓаме во очај со тоа колку сме грешни и дали сме грешни, и дали Бог ќе ни прости. Нам сѐ ни е простено. Ние сме избавени од смртта. Со ништо не може да го заслужиме вечното спасение – тоа е дар Божји што ни се дава, преку Единородниот Син Божји, Кој ја возглавува Црквата и чии членови стануваме преку причестувањето со Светите Тајни. Вистинското прашање е дали се каеме и дали живееме во покајание.
Вистински израз на покајание е простувањето на сите оние што нам ни згрешиле и нѐ повредиле со нешто, во кој било миг од нашиот живот. Бог не поставил никакви препреки пред вратата на Царството Божјо. Препреките самите си ги поставуваме со непростување. Видете ја и молитвата „Оче наш“: „и прости ни ги долговите наши како што им ги проштеваме и ние на нашите должници“. Можеме и поинаку да ја формулираме: и немој да ни ги простиш гревовите наши ако ние не им простуваме на нашите должници. Ако простуваш, Го ставаш Бог во „замка“ на Неговите сопствени зборови. Тој не е човек, па да не го одржи ветувањето. Наједноставно е кажано: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни, и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“.
Живееме во една општа атмосфера на лутење, на непростување, на горчина што го труе нашиот духовен живот и животот на нашиот ближен истовремено. Светата Четириесетница кулминира со најважниот настан во домостројот на спасението – Воскресението Христово, кое истовремено е осмиот и невечерен ден на Царството Небесно, осветлен од светлината на Воскреснатиот Христос, која е радоста на вечниот живот, рајот за православните христијани. За нас, рајот не е јадење и пиење, туку вечно и непрестајно гледање на лицето на љубениот Христос. Но, услов за да започне ова наше враќање кон Бог повторно е простувањето. Ниту ќе почнеме како што треба, ниту ќе завршиме каде што треба, ако во срцето негуваме макар и најмала горчина и непријателство, или непријатно чувство кон кој било човек. Тука спаѓаат, секако, и непријателите. Бог не можеме да Го лажеме. Не можеме да живееме лицемерно во Црквата. Не можеме ниедна молитва, ниту пак, „Оче наш“ да кажеме ако имаме нешто против некого. Тоа подразбира Недела на простувањето.
Непростувањето е толку страшен грев што Светите отци велат дека ниту крвта маченичка не може да го измие. Имено, има таков пример во житијата на светите. Двајца ѓакони се скарале меѓу себе за време на гонењето на христијаните, на почетокот од 3 век. Едниот од нив бил пријавен дека е христијанин и го повеле на мачење. Тој храбро Го исповедал Христа и тргнал одважно да страда за Него. И на патот кон местото на погубувањето, неговиот собрат, другиот ѓакон, му велел: „Те молам, маченику Христов, прости ми за сѐ што сум ти згрешил, а кога ќе најдеш слобода пред Бог, моли се и Бог да ми прости“. Овој, со одбивност ја свртел главата на другата страна и арогантно побрзал кон местото на мачење. Но, во тој миг благодатта Божја го оставила. Тој се исплашил од маките и се одрекол од Христос. А другиот, што барал прошка, радосно Го исповедал Христа и станал маченик на неговото место.
Јасно ли е сега дека гревот на непростувањето ни крвта маченичка не може да го измие? А знаете ли зошто? Затоа што сме условени со Божјата љубов. Бог ни прости на сите нас и Го даде најскапоценото нешто што Го имаше, Својот Единороден Син, и ни прости нам, такви какви што сме – никакви, грешни, извалкани, и сѐ уште нѐ трпи. А оној што не простува е сушта спротивност на сѐ што е Бог, па макар и да е подготвен да умре за Него.
На оваа Света Литургија, што мислите, стоиме овде затоа што сме достојни, или само поради тоа што сме крстени!? Стоиме поради милоста Божја. Сѐ уште дишеме и постоиме во овој живот затоа што Бог нѐ трпи, поради тоа што Бог ни простува. Како може да има заедница со Него оној што не простува? Не се работи за некаква форма, или обременувачко правило и традиција на Црквата. Се работи за суштинска непричасност, за суштинска несличност помеѓу оној што не простува и Бог. А, нашиот подвиг во Црквата е да станеме слични на Христос, нели?
Постои една болна состојба кај нас во Црквата, а за која е крајно погрешно да кажеме дека ја носи строгоста на подвижничкиот живот: пост без масло, правење многу метании… Сето тоа е добро самото по себе, па и неопходно, и би било и душеполезно ако не ја вклучува строгоста кон другите, туку единствено кон себеси. Сите познаваме луѓе кои се обидуваат да ги залажат другите со строгоста на својот живот, а се скарани со сите во соседството, и во зградата во која живеат, и во семејството. Не зборувам против телесните подвизи, напротив, ве повикувам во Светата Четириесетница да го засилиме својот подвиг, да ги зголемиме молитвите, да ги зголемиме метаниите, но Бог не можеме да Го задолжиме со ништо, ниту со измачувањето на нашето тело. Ова нам ни е потребно за да ги смириме и преобразиме страстите. Бог не е мачител. Како може Бог да Го присилиме да ни прости со тоа што ќе постиме или со тоа што ќе правиме поклони?
Напротив, сите подвизи што ги правиме, гледајте на нив како на само еден акт со кој ја покажуваме својата мала и несовршена љубов кон Бог, која не очекува ништо и која не условува. Со самото тоа што стоиш и те болат нозете, покажуваш колку Го љубиш Бог. Кога правиш метании, се поклонуваш и велиш: „Господи Исусе Христе, помилуј ме, грешниот!“, и душата ти плаче и трепери од покајание, а телото прави поклони и учествува во покајанието на душата. Но, ако не простуваме, Бог се одвраќа од сите тие наши подвизи, и метании, и постови, ако сме презреле макар и еден човек за кого Тој умрел на Крстот.
И сите ќе бараме, денес, благослов од духовникот да ни го благослови постот. Не може ниту еден човек да ви даде благослов и да имате лесни и благословени пости ако не им простите на ближните од сѐ срце. Ако им простите на сите и на секого, и искрено се почувствувате како најгрешни и најнедостојни од сите луѓе, не ви треба благослов од човек, па кој и да е тоа. Го имаме благословот Божји. Но, ако само кон еден човек негуваме непријателство – кој сака нека ни го благослови постот, и ангел од небото да ни даде благослов – ние Бог сме Го промашиле.
Самите имаме потреба од простување. Секоја молитва што ќе ја изговориме е крик за простување: „Господи Исусе Христе, помилуј ме, грешниот!“ Еве што вели Бог: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“. Ако овде ја промашиме целта, севкупниот наш подвижнички живот ќе стане само циркус, сѐ што правиме – молитви, поклони, постови.
Еве една олеснителна околност, која постои кај сите нас за да простиме. Секако дека во сечиј живот постојат луѓе што нѐ повредиле многу, што ни нанеле болка која, можеби, сѐ уште не стивнува. Но, постои една реалност во нашиот живот – а тоа е дека ние сѐ уште не сме ја оствариле смислата на нашето постоење. Ако искрено погледнеме во своето срце, ќе видиме дека таму сѐ уште има уште многу нечистотија, многу страсти, многу валканост, иако истовремено во Црквата непрестајно ја чувствуваме Божјата љубов и пристапуваме кон Светите Тајни, се причестуваме. Чувствуваме дека Бог нѐ љуби такви какви што сме и не се гнаси од нас. Само поради тоа, поради Божјата љубов, треба да простиме и сѐ да заборавиме.
Затоа, во Црквата велиме „прости ми заради Христос“. Никој за никого не треба да плаќа никаква цена. Ние сме еднаш засекогаш откупени и скапо платени со најскапоцената Крв на Единородниот Син Божји. И оној што не простува, одново и одново, го убива и се одвраќа од ближниот свој за кого умрел Христос. Гревот на непростувањето е директен грев против Единородниот Син Божји, против Голготската жртва на Синот Божји, против секоја Света Литургија што се служи во Црквата.
Бог да ве благослови сите и да ни даде сила да им простиме на сите оние кои со нешто нѐ повредиле, но и со смирение да побараме прошка од сите оние кои на каков било начин сме ги повредиле. Кај нас, секако, однапред треба тоа да е завршено, ако сме Христови – на сите однапред да им простиме.
И на крај, ве молам, простете ми и вие сите, заради Христос и во Христос!
Викарен Епископ Јаков Полјански