Промовирана книгата за деца „Светилници на светот“
По повод празникот Рождество Христово, со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум, деновиве од печат излезе книгата за деца „Светилници на светот: за македонските светители“, првата книга за деца од оваа едиција, во издание на манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица.
Книгата ја подготви Катерина Божинова, дипл. теолог и професор специјалист по религиско образование, а илустрациите за книгата ги изработија децата од училиштата во Струмица под нејзино менторство.
Книгата содржи кратки житија на светители што се почитуваат на нашите простори – почнувајќи од Пресвета Богородица, па сè до светите Методиј и Кирил, свети Климент и свети Наум Охридски, светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, свети Леонтиј и свети Теофил Струмички, света Лидија Македонска, света Злата Мегленска, свети Јоаким Осоговски и свети Гаврил Лесновски.
Во предговорот на книгата, викарниот Епископ г. Јаков Полјански на децата им порача: „Прочитајте ја книгата и одберете си омилен светител, кому секој ден ќе му се молите да биде ваш соборец и да ве крепи и заштитува. Сите овие светилници на светот се деца и пријатели Божји, и живеат во рајот и ги слушаат вашите молитви, и особено ги сакаат децата“.
Синоќа, во просториите на манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица, се одржа и промоција на книгата, што ја одржа викарниот Епископ г. Јаков Полјански, и по тој повод беше организирана изложба на која беа изложени сите цртежи од децата, кои поради ограниченоста на бројот на страници не беа опфатени во книгата. Исто така, беше организирана и хуманитарна акција за помош на Нина, при што децата со радост изработија божикни честитки со божикна порака.
Авторот на книгата, Катерина Божинова, во своето поздравно слово на присутните им се обрати:
„Ова дело е доказ дека со децата е прекрасно да се работи, толку лесно сѐ се направи. Мојата желба беше да ги имаме житијата на светителите, кои се „Светилници на светот“ во ова дело прилагодено за деца. Сите деца со воодушевување почнаа да работат и да цртаат, слушајќи за животот и подвизите на светителите, чии имиња ги знаеме, но не и нивните подвизи. Тоа беше главниот мој мотив за ова дело, кое нѐ потсетува дека тие се пример за следење и дека човек може да стане свет секаде, и на сред град, и овде и сега. А, децата со воодушевување сакаат да ги читаат, а има и зошто, бидејќи се многу поучни за секого.
Бог нас нѐ обдарил уште од првиот век со многу светители. Христијанството посеано на овие простори од светиот апостол Павле принесе безброј свети души. Затоа, имаме многу примери за следење, и поради тоа Ви го најавувам и вториот дел од едицијата житија, на кои веќе се работи“.
На сите деца им беа поделени благодарници за активен придонес во детската книга и за учество во изложбата