Отворени забавните фудбалски школи
На плоштадот „Гоце Делчев“ вчера беа отворени Отворените забавни фудбалски школи. Во нив учествуваат 80 момчиња и девојчиња, ученици од второ до шесто одделение од општинските основни училишта „Даме Груев“ од Куклиш, „Маршал Тито“ од Муртино, „Сандо Масев“ и „Никола Вапцаров“ од Струмица. Забавните фудбалски школи за отворени ги прогласи градоначалникот, Коста Јаневски.
-Со задоволство сакам да го поздравам одржувањето на овие школи, кои го афирмираат и популаризираат и онака популарниот фудбалски спорт, но и ги истакнуваат сите позитивни нешта кои произлегуваат од нив, особено за најмладите генерации и нивниот развој. Тоа го велам затоа што, без разлика на полот, возраста и фудбалското знаење, целта на овие игри е меѓусебно дружење на децата, стекнување нови пријателства и јакнење на здравиот дух. Овие бенефити се од непроценливо значење за сите кои ќе ги бидат дел од овие школи и игри, поврзани со фудбалот. Токму поради тие корисни работи за нашите сограѓани од најмладата популација, општина Струмица секоја година го поддржува овој проект, а ќе го поддржува и во иднина. Очекуваме дека и овој пат овие забавни фудбалски школи ќе ги дадат посакуваните резултати, но и трите настани кои следуваат, од кои еден до крајот на годинава, и уште два напролет, на кои повторно ќе учествуваат основните училишта од општината, но и фудбалските екипи кои негуваат работа со најмалите категории. Драги дечиња, со надеж дека ќе уживате во игрите и дружењето, Отворените забавни фудбалски школи ги прогласувам за отворени, рече градоначалникот Јаневски.