Започна изградбата на канализациониот систем во населеното место Дабиле
Во населеното место Дабиле започна со изградба канализациониот систем во должина од 8.145 метри. На стартот на градежните работи присуствуваше градоначалникот Коста Јаневски со своите соработници, кој потенцираше дека со реализацијата на овој проект се подобрува квалитетот на животот на жителите на Дабиле.
-Чувствувам големо задоволство, денеска, на објавувањето на почетокот на еден голем значаен проект за населеното место Дабиле. Пред неколку денови најавивме дека ќе отпочнеме со изведба на канализациониот систем, проект кој значително ќе го подобри квалитетот на животот во ова населено место. Тогаш ги предадовме во употреба реновираните простории на Домот на културата и најавивме дека ќе отпочнеме со канализациониот систем и еве тоа се случува денеска. Од овде можеме да најавиме уште еден проект во населеното место Просениково кој во наредните денови ќе започне со изведба, тоа е исто така канализационен систем. Со тоа ја потврдуваме нашата решеност да се подигне квалитетот на живот во населените места и да се доближи до квалитетот на животот во градската средина. Населеното место Дабиле со овој проект ќе добие еден значаен квалитет, а со новиот предвиден проект – проширување на сообраќајницата од Струмица до населеното место и со реконструкцијата на патот кон границата со Република Бугарија, овој дел од нашата општина ќе добие уште поголем урбан изглед и ќе се доближи до градската средина. Овие проекти се во состав на еден голем проект на Владата на Република Македонија „Водоснабдување и одведување на отпадните води“. Тендерот за оваа канализациона мрежа го доби фирмата Вардар градба од Скопје, а беше распишан од министерството за транспорт и врски и еве со заеднички сили на локалните самоуправи и централната власт работите се раздвижуваат во еден позитивен правец и резултатите допрва следуваат, мислам ќе бидат видливи на задоволство на сите граѓани од нашата општина, рече градоначалникот Јаневски.
За решавањето на овој голем проблем, од името на жителите на Дабиле, на градоначалникот Јаневски му се заблагодари Бончо Божиков, претседател на месната заедница.
Изградбата на канализационите системи во населените места Дабиле и Просениково чини 44 милиони денари, средствата се обезбедени од Европската инвестициона банка, а со сопствен дел учествува и општина Струмица.