Градоначалникот Јаневски им го честиташе првиот училишен ден на првачињата:Бидете добри деца и добри ученици
За учениците од основните и средните училишта денеска започна новата учебна 2018/2019 година. На првиот училишен ден најмногу му се радуваа првачињата. Во нивна чест пред домот на АРМ се одржа свечена приредба на која ги поздрави и им посака многу успех во учењето, градоначалникот Коста Јаневски, а присуствуваа и претседателот на Советот на општина Струмица Марјан Даскаловски и членови на истиот.
-Денес е 3. Септември 2018 година. Овој датум ќе остане вечно врежан во вашите сеќавања, ќе биде забележан во вашите споменари и со радост ќе го споменувате како ден во кој сте свртеле многу значајна страница во вашиот живот. Во овој убав ден убаво е чувството да се биде меѓу вас, да се види живоста во вашите очи, да се почувствува вашата возбуда и да се доживее овој свечен миг кој ви е посветен само вам. Овој миг го заслужувате бидејќи вие сте гордоста и иднината на Струмица и Македонија. Радувајте му се на денешниов ден бидејќи ова е ваш ден. Ова е ден за првото училишното ѕвонче кое денес се огласува за вас, за вашето прво седнување во училишните клупи, за првиот збор што го слушнавте од вашите наставнички, а прво е и одделението со кое започнува вашето повеќегодишно образование. Ве очекуваат уште многу први нешта, како што се првата научена буква, првиот број, првиот напишан збор, првата песничка, првата домашна задача и се така по ред. На тој начин, чекор по чекор, ќе навлегувате во тајните на македонскиот јазик, математиката, природните науки, општеството, како и во ликовното, музичкото и физичкото и здравствено образование. Од ден во ден ќе бидете се побогати со знаења, а тие знаења ќе ви отворат многу врати во вашиот понатамошен живот. Вам ви останува да бидете послушни и мирни, внимателни на часовите и одговорни во извршувањето на училишните задачи. Само така ќе успеете да станете добри ученици. Само на тој начин ќе си го отворите патот кој ќе ве однесе до целта. Само така ќе бидете гордост на вашите родители, но и гордост на сите нас. Не плашете се дека во тоа нема да успеете. Учењето не е тешко. Напротив, тоа знае да биде многу интересно, привлечно и убаво. Згора на тоа, за вас и за вашиот напредок во образованието ќе се грижат вашите наставници кои ќе дадат се од себе да ви го пренесат сето можно знаење неопходно за вашата возраст. Тие од денес ќе бидат ваши втори родители. Затоа, почитувајте ги и слушајте го внимателно секој нивен збор. Треба исто така да знаете дека во училиштето ќе научите и многу повеќе од тоа што е напишано во учебниците. Ќе научите како се стекнува и негува другарството, како меѓусебно треба да се почитувате и да си помагате со новите другарчиња од одделението. Таквото вистинско другарство знае да трае и цел живот.Сега и во иднина, вашиот ученички живот нека ви го красат само убави нешта, нешта кои ќе ве прават исполнети и среќни. Ви го честитам првиот училишен ден и ви посакувам многу успеси во учењето. Бидете добри деца и добри ученици, рече градоначалникот Јаневски.