Градоначалникот Јаневски: Училиштата се подготвени за новата учебна година
„Основните и средните општински училишта се подготвени за почетокот на новата учебна година“, изјави градоначалникот Коста Јаневски кој своите соработници од областа на образованието, посети дел од училиштата и детално се информираше за состојбата во сите нив.
-В понеделник започнува новата учебна 2018/2019 година. Како Градоначалник и Општина, на кои образованието им е меѓу стратешките приоритети, сакам да ве информирам дека сите основни и средни училишта се подготвени за стартот на новата учебна година. Во текот на летниот распуст во дел од училиштата каде што имаше потреба, извршени се повеќе градежни зафати и санирање на недостатоците, со што се обезбедени солидни услови за изведување на квалитетен воспитно – образовен процес. Согласно Стратегијата за образование 2015 – 2020 година, ќе продолжиме со континуираната поддршка на образовниот процес, обезбедувајќи квалитетно образование за учениците во основните и средните училишта во Општината. На почетокот на новата учебна година најмногу му се радуваат првачињата, тие за прв пат ќе седнат во училишните клупи. Радува фактот што оваа година нивниот број е поголем во однос на минатата година. Лани до 31 август 2017 година, во прво одделение во општинските основни училишта биле запишани 499 ученици, а годинава заклучно со 24 август се запишале вкупно 560ученици, 288 машки и 272 женски. Од нив 461 ученик се запишале во матичните основни училишта, а останатите 99 запишани се во подрачните училишта. Иако вкупниот број на запишани првачиња е зголемен во однос на минатата година, за жал, во населените места Сачево, Габрово, Дорломбос, Мемешли и Орманли нема запишано ниту еден ученик во прво одделение, а по 1 ученик има запишано во Водоча и Попчево. Во новата учебна година за прв пат во средношколските клупи ќе седнат и 890 ученици запишани во прва година во трите средни општински училишта. Ја користам оваа прилика да ги информирам родителите дека за прв пат од оваа нова учебна година во просториите на клон 2 – градинка „Парк“, ќе почне да функционира целодневен престој на деца на возраст од 6 до 10 години. Со децата ќе работи едуциран персонал – воспитувачи за одделенска настава, а пријавувањето е во тек. Со ова задоволуваме уште едно барање на родителите кои подолго време потенцираа дека во Струмица има потреба од формирање група за целодневен престој. На сите ученици во основните и средните општински училишта им посакувам многу успех во новата учебна 2018/2019 година, рече градоначалникот Јаневски.